Жив е звукот на гајдата на Пеце Атанасовски

Повеќе од 300 учесници од цела Македонија учествуваа на 47. издание на Фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ во Долнени и во Прилеп

„’Рзнува тапан и писок се крева“ и започнува 47. издание на Фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ во Долнени и во Прилеп. Со првиот писок на гајдата надоаѓаат и спомените од првите посети на овој фестивал уште како дете и она необјасниво чувство што те поткрева, што те шаштисува, ти го свртува паметот, те прави дел од целото…

Повеќе од 300 учесници од цела Македонија го претставија пред сè македонскиот фолклор, но и фолклорот на другите етнички заедници во земјава. Настапија самостојни народни уметници, културно-уметнички друштва, здруженија и училишни центри кои со гајди, тапани, утови, зурли, кавали, двојанки, ќеманиња и со славеј-гласови го откорнаа најубавото од своите срца и ù го подарија на многубројната публика.

На првата фестивалска вечер, наоблаченото вечерно небо го распара звукот на гајдата на големиот Пеце Атанасовски, сега во рацете на професорот Горанче Ангелов.

– Не е тешко да се засвири на гајдата на чичко Пеце, затоа што таа е толку расвирена, па и по неговото физичко заминување, се чини дека таа свирела, иако никој не ја допрел. Ова е голема чест – рече Ангелов по неговиот настап со гајдата на Пеце Атанасовски, кој се случи на првата фестивалска вечер и предизвика одушевување кај публиката.

Пулсираат и саклетите и касметите, и благословите и клетвите, и виденијата и сочиненијата. Кандила се палат во очите, снагата се наежува, морници од ритамот лазат, дожежува.

Втората фестивалска вечер се случи онаму каде што фестивалот е роден, во селото Долнени на местото викано Рудина. Ѕвекотот на ѕрнурките, писокот на гајдите и тропотот на тапаните се разлеа низ долненското житоротно поле.

Еден од учесниците кој настапи на втората фестивалска вечер е младиот Горан Андреевски од Охрид кој имаше забележителен солистички настап на тапан.

– Тропам од мали нозе иако во моето семејство немав од кого да учам. Од пет-шест години ја открив љубовта кон тапаните и до ден денеска ја негувам. Самоук сум. Втор пат сум на овој фестивал. Посакувам да продолжи и да се развива овој фестивал и да се негува аманетот на Пеце Атанасовски – порача тапанџијата Андреевски.

По раскошните настапи, по врвулицата од звуци, бои и гласови кои со златни нитки го извезаа четириесет и седмото издание на фестивалот, уметничката директорка на фестивалот д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје ги соопшти наградите.

– Добровечер и ви благодарам што бевте присутни во голем број на фестивалов. Гран-при наградата за најдобра изведба ја добива машката вокалнa група „Трио Кладенец“ од Културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце. Наградата ја добиваат затоа што се носители на една прекрасна традиција на машко гласоечко пеење во долнополошкиот регион, кое е заштитено како културно нематеријално наследство на УНЕСКО. Ги поздравувам и им посакувам успеси натаму, затоа што се вистински чувари на изворното пеење. Годинешниот добитник на „Гајдата на Пеце“ е Филип Арилон од Велес. Младиот гајдаџија успешно ги пренесе звуците на гајдата, покажувајќи ја умешноста на свирењето на овој народен инструмент – изјави Величковска.

Пеце Атанасовски, игроорец, инструменталист и собирач на македонски народни песни и ора

Расвирувањето на гајдата на најпознатиот македонски гајдаџија Пеце Атанасовски, македонскиот игроорец, инструменталист и еден од најплодните собирачи на македонски народни песни и ора, му даде посебна свеченост и светлина на годинешното издание на фестивало. Со громогласниот екот на тапаните што го разнесоа малите тапанари за затворањето на фестивалот, влеа силна надеж во опстојувањето и развивањето на оваа манифестација. Но, и во опстојувањето на македонската музика, култура и традиција.

На Фестивалот се доделени и десет специјални награди-статуетки за успешно негување на изворниот мелос од групи и поединци. Добитници на специјални награди се: КУД „Дримкол“ Вевчани, вевчански лазарки, на КУД „Русалии“ од Секирник, Струмичко, на КУД „Дуфла“ од Рашче, Скопје, на Детскиот традиционален оркестар при КУД „Илинден“ од Битола, на Фолклорниот ансамбл „Етнос“, на ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари, Кочани, на Фолклорната група „Копачка“ од селото Драмче, Делчево, на Оркестарот за изворни инструменти и ора при Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, на Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“ кој е единствен училишен центар што има насока за традиционална музика и игри, и на гајдаџијата Роберт Митров од Јаргулица, Радовишко.

Жирито го сочинуваа етномузиколозите д-р Родна Величковска и м-р Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и д-р Горанчо Ангелов од музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Во рамките на фестивалот се одржа и онлајн семинарот за изучување на народни инструменти и песни со дванаесет млади учесници од Кочанско и од Прилепско, како и симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Објавен е и Зборник на трудови од фолклористиката. Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и општините Долнени и Прилеп.

Пишува: Филип Димкоски

 

Сподели