Книгата за деца и млади „Диносаурус“ преведена од исландски на македонски

Kнигата за деца и млади „Диносаурус“ на исландскиот писател Аевар Тор Бенедиктсон, која е дел од серијалот „Твојата сопствена приказна“ неодамна излезе од печат во издание на „Бата прес“ од Скопје. Илустрациите се дело на илустраторката Евана Киса, а книгата на македонски ја преведе Мери Кицовска. Објавувањето на ова дело е поддржано и од Исландскиот центар за литература и е во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во текот на оваа и во наредната година со поддршка од Европската Унија, во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.

Во оваа приказна главни се диносаурусите. Децата ќе сретнат различни видови на диносауруси и ќе имаат авантура со птеросауруси, велоцираптори и бебиња диносауруси. Но, иновативно и интересно е што самиот читател е вклучен во приказната. Децата сами може да одлучат што ќе се случи. Секогаш кога приказната ќе заврши лошо, тие можат одново да ја читаат. Има многу различни краеви.

Книгите на Аевар Тор Бенедиктсон каде што читателот е самиот одговорен за приказната, се многу популарни и наградувани во Исланд. Овој серијал е препознатлив по кусите поглавја, патувањето низ времето и едноставниот текст препорачлив за почетници во читањето.

Книгата е отпечатена со фонт што им го олеснува читањето на дислексичарите.

Аевар Тор Бенедиктсон е роден 1984 година во Исланд. Тој е еден од најпознатите исландски писатели и има објавено 30 книги. Покрај литературните награди, има освоено и награди за филмски и драмски сценарија, а има и значаен придонес во науката и образованието.

Сподели