Градот имал акропола на издолженото зарамнето плато на ридот Големо Градиште со две станбени тераси на северната и јужната падина на ридот, заштитени со силен бедем, и три цркви и некрополи надвор од бедемите на градот
Во десет сонди истражуваа археолозите на локалитетот Големо Градиште кај кратовското село Коњух, соопшти Археолошкиот музеј. Истражувањата ги вршеше меѓународен тим со кој заеднички раководеа м-р Горан Санев од Археолошкиот музеј, д-р Каролина Снајвели од Гетисбург колеџ, Пенсилванија и д-р Сабрина Хигинс, од Универзитет „Сајмон Фрејзер“, Канада.

Во археолошката литература, локалитетот е познат како втор град по големина во римската провинција Дарданија, по Скупи, со површина од околу 17 хектари. Градот имал акропола на издолженото зарамнето плато на ридот Големо Градиште со две станбени тераси на северната и јужната падина на ридот, заштитени со силен бедем, и три цркви и некрополи надвор од бедемите на градот.
– На северната тераса, каде е лоцирано главното градско јадро, го доистражувавме југозападниот простор на големиот квадратен анекс, објект дограден северно до Епископската базилика, веројатно во втората половина на 6 век. Овде беа откриени градежни елементи кои ја објаснуваат поврзаноста на објектот со нартексот на црквата и начинот на надминување на висинската разлика помеѓу двата објекта. Исто така откривме елементи кои укажуваат постоење на втор кат над квадратниот објект, кој можеби водел и кон галериски простор над нартексот на базиликата.

Северно од анекс-објектот и Епископската резиденција продолжи истражувањето на просторот на градскиот плоштад, при што добивме нови податоци за големината и планот на квадратната конструкција откриена лани, на овој простор – велат од Археолошкиот музеј.
На јужната страна од црквата археолозите доистражувале на просторот источно пред крстилницата кон кој водел ходник изведен веднаш покрај јужниот ѕид на базиликата. Со тоа се очекува да се добијат нови податоци за архитектурата и карактерот на овој простор како уште еден сегмент од комплексот градби на главната градска црква.

– Со контролна сонда поставена на југозападниот дел на северната тераса, покрај самата патека која води кон локалитетот откривме сегмент од бедемот. Правецот на бедемот кој остава впечаток дека отстапува од линијата на падината наведува на можноста за остатоци од кула.
Оваа година, во Сектор III, на место викано „Ракле“ направивме заштитно истражување на случајно откриени остатоци од ѕидови од глина и малтер. Откриен е објект со речиси правилна кружна форма и пречник од 2,10 м, најверојатно печка варница. Печката е ѕидана од глина и обложена со варов малтер од внатрешната страна. Таа била калотеста и вкопана делумно во теренот кој постепено се искачува кон исток, со што останала зачувана во овој дел во висина од околи 1,5 м. Овој наод ја сугерира позицијата на „индустрискиот“ дел на градот на Големо Градиште и неговата околина – велат од Музејот.

Проектот е дел од Годишната програма на проекти од национален интерес на Министерството за култура. Во истражувањата учествуваа и м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј, д-р Адриана Дун, кустос-археолог од Музејот при Универзитетот „Мемфис“, Тенеси, САД, Леони Грефрат, студент од Универзитетот „Рур“, Бохум, Германија, жителите на село Коњух и „Геовилд-Мак“ од Скопје.

Систематските археолошки истражување на Големо Градиште кај Коњух се одвиваат во континуитет од 2000 година, во соработка помеѓу Археолошкиот музеј на Северна Македонија од Скопје и Гетисбург колеџот од Пенсилванија. Од годинава, нов партнер во истражувањата е и Универзитетот „Сајмон Фрејзер“, од Ванкувер, Канада.
Фото: Археолошки музеј на Северна Македонија
(В.И.И.)





