Во рамките на одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, вечерва во 20 часот, во паркот на Младинскиот културен центар ќе се одржи настанот „Зелениот дворец“: Книжевен времеплов на Скопје. Ви претставуваме звадок од романот „Зелениот дворец“ од Сибо (издание на „Арс Ламина“), добитник на книжевната награда „Пегаз“ за 2022 година.
XXII
Скопје, 25 јули 1963 година
Беше поминал цел месец откако Мадлен и синот беа под будното око на Мици. Веќе беа здрави, а и најубавиот месец во Скопје ги подаруваше своите најубави дарови. Цвет од липа. И многу други опојни мириси што само јули умееше да ги смисли. И како што биваше со скопската микроклима, летото веднаш развиваше високи температури и ги бркаше скопјаните од градот. Или барем по градските плажи.
Мадлен беше многу раздвижена цел јули, речиси и немаше време за бепчето. Имаше купишта весници низ собата, купишта тефтери и купишта бебешка облека. Мици ù забележуваше што се прибираше само за доење. Мадлен се обидуваше да ѝ објасни што
ѝ се случува, но безуспешно. Мици само одмавнуваше со рака и не сакаше да ја сослуша. Не гледаше ништо што може да е поважно од бебето. Веќе ѝ здодеа на Мадлен да се натега со Мици, па ја повлече за рака кога оваа сакаше пак да ѝ држи предавања за мајчинство, а притоа да бега кога ќе прозбореше Мадлен. Сега Мици првпат ја виде строга таа слатка и по малку смешна туѓинка со сонлив поглед. Речиси ѝ нареди да седнат. Од актовката извади неколку весници, свртени на мали огласи, и куп документи од институции. Се гледаше дека се архитектонски нацрти и катастарски документи. Извади и мала, златарска кадифена кутија, со пар филигрански обетки во неа. Ја отвори, ѝ ги покажа и без насмевка ѝ ги лизна кон неа, како крупие карти или жетони. Ги стави документите на маса, ги извади најбитните и ѝ рече:
– На твое име. Куќа. Моја и твоја. И негова – Мадлен покажа кон бебето што спиеше.
– Па, имаме де, куќа. И моја и твоја и негова – се побуни Мици.
– Да, ама може ќе си одиме, после. Види – и ù подаде лист, кaде што имаше убаво нацртано лого на хотелот „Македонија“.
На него пишуваше на француски: Дојдете во хотелот во 20 часот. Ваш Пјер.
Мици сфати и ги ококори очите во неверување.
– Ма, не ми збори. Стварно? Тој? Го виде? Се најдовте? – поставуваше сто прашања од возбуда. Мадлен само негираше со главата. Објаснуваше дека оставала порака секој ден, во сите хотели. Дека пишувала огласи во весници. Не ја оставала адресата за да не стигне пораката во погрешни раце и не ѝ здодеало да се враќа по хотелите, случајно да не има одговор. Секој ден. И конечно добила одговор, кој не знаела дали е од тој Пјер. И ако не се врати ноќва, тоа веројатно ќе значи дека конечно го пронашла. Многу силно се гушкаа и малку си поплакаа.
– Свадба да правите, кума да ти бидам – викна Мици од среќа.
– А, малиов на него има вакви плави очи? Пу, пу, да го серат кокошките – Мици го поплука кутрото бебе. Мадлен се смееше. По некое време, Мадлен беше дотерана, ги носеше најубавите алишта што ги имаше и имаше ставено црвен кармин и високи потпетици. Веќе дојде времето за тргнување и Мадлен стануваше нервозна. Ù паѓаа работи, стопати се погледнуваше во огледалото, кажуваше непотребни совети за бебето, пак се шминкаше, пак смени обувки, уште еднаш се попрска со парфем. И на крајот, Мици мораше да ја фати за рамена и да ја смири.
– Све ќе биде у ред. Обеќавам. Не се секирај, увек ќе нè имаш нас. Ајде сега убаво да си пројдеш и да ми го донесеш тој лепотан, ја да му кажам – пак почна да се заканува Мици.
Речиси ја истурка низ вратата. Мадлен конечно отиде и Мици воздивна. Се надеваше на среќен крај. Сите заслужуваа. Помина некое време и Мици си легна на софата да слуша радио. Се прашуваше како е да си мајка. Веројатно исто како и досега, само што не знае како со бременоста. А, баш и не ѝ требаше и таа болка, гледајќи низ каков пекол помина Мадлен. На радио свиреше некоја домашна шансона. Беше жешка ноќ.
Околу полноќ почнаа да завиваат кучиња. И тоа многу силно. Мици пред тоа беше заспала крај бебето и тоа ја разбуди од сон. Излезе надвор и сфати дека звукот што ја вознемири доаѓаше од Зоолошката. Првин се слушаа кучешки завивања, потоа им се придружија гласовите на други животни. Околните домашни кучиња исто така не престануваа со завивањето. Се слушаше дури и затегнувањето на синџирите од напорот на врзаните кучиња да избегаат. А, денот според календарот беше летен свети Архангел Душовадец. Мици знаеше дека нешто не е во ред. Со тој немир се бореше до разденување. Се плашеше да не се случи пак поплава, иако беше суво лето, а и овој ден беше без ниедно облаче. Реши ноќта да бдее над детето, се качи на катот со него и ги отвори и двете крила на прозорецот. Реши да не си ја облекува ноќницата, да спие облечена, а дополнително си облече и чизми.
Некаде подалеку, паркетарот од хотелот „Македонија“ го разбуди цела сурија глувци што во панично бегство ја напуштаа зградата. Завивањето конечно запре и тоа ја успа Мици до колепката. Нема да ги слушне, ниту да ги види огромните јата птици што се кренаа кон небото. Гулаби, ластовички, ќосови, врапчиња, чавки, пајки, славејчиња, кукавици, гаврани, гуски, страчки, штркови и по некој галеб. Ќуковите и соколите последни ќе полетаат. Панично ќе се групираат, дури и со друг сој, ќе ги оставаат јајцата што ги квачеле, ќе го затемнат небото на неколку моменти. Кокошките ќе останат да им љубоморат од долу. Нивните крици и трепетот на крилјата ќе разбудат по некој скопјанец. Одеднаш, Мици ја разбуди плачењето на бебето. Врескаше како никогаш дотогаш. Не помагаше ништо. Ја нункаше колепката кога од земјината утроба се чу морничав татнеж. Ѕидниот часовник на приземјето и големиот часовник на Железничката станица, засекогаш ќе останат на пет часот и седумнаесет минути…





