Две бронзи за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки

Два бронзени медала освоија македонските ученички-информатичарки на Европската олимпијада по информатика за девојки која се одржува во Лунд, Шведска. Медали за Македонија освоија Софија Велковска од Скопје и Јована Трифуноска од Тетово, а солиден резултат постигнаа и Сара Стефановска од Крива Паланка и Атина Рувинова од Охрид. Тимот е раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

– Успехот на нашиот тим, со освоените два бронзени медали во ваква силна конкуренција, е навистина голем и заслужува почит. Вклучувајќи ги овие два медала, македонските ученички на трите досегашни изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 4 бронзени медали, што претставува успех со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата – велат тие.

Ученичките беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно млад натпревар, наменет само за средношколки заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Примарна цел на олимпијадата е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се забележливо помалку присутни на редовните меѓународни олимпијади по информатика.

Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми.

Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. На ЕОИД 2023 учествуваат вкупно 127 учеснички од 36 европски земји, а како претставници на земјигости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 62 ученички од 16 земји надвор од европскиот континент (како Бразил, САД, Египет, Индија, Саудиска Арабија и др.).

Следната, 4. Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024) ќе се одржи во Ајндховен, Холандија. Кон крајот на август, пак, македонските ученици-информатичари ќе се натшреавруваат на Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сегедин, Унгарија.

Сподели