Од печат излезе јубилејното издание „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ со целокупната поезија на Даница Ручигај која загина во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година. Изданието е по повод 60 години од смртта на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто.
Изданието го подготвија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари на Македонското радио – Радио Скопје кои повеќе од две децении го истражуваат животот и делото на Даница Ручигај.
Книгата е збогатена и со пригодни текстови посветени на поетесата и на нејзиното творештво. Автори на текстовите се на проф. д-р Васил Тоциновски, литературен критичар, писател и поет; проф. д-р Милан Јазбец, словенечки дипломат, универзитетски професор, писател и поет; проф. д-р Намита Субиото, истакната словенечка славистка и македонистка, шеф на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, д-р Лилјана Пандева, писателка и проф. д-р Димитар Пандев, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и истакнат лингвист, славист и македонист и писател.
Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, досега ги објавиле книгите посветени на Ручигај: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020) и „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), како и антологијата на песни посветени на Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“ (2018), а како што веќе е истакнато, беа приредувачи и на книгата на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, објавена во 2003 година по повод 40-годишнината од нејзината трагична смрт.





