Онлајн-промоција на романот „Прелест“ од српскиот автор Филип Грбиќ

Романот „Прелест“ од српскиот автор Филип Грбиќ ќе биде промовиран онлајн вечерва во 20 часот на следниот линк. Книгата на македонски јазик е објавена во рамките на регионалната мрежа за културна разновидност READ. Романот ја доби наградата „Бранко Ќопиќ“ на Српската академија на науки и уметности.

Прелеста на некој начин е и заблуда, па така во својот роман Филип Грбиќ говори за глобалната заблуда на цивилизацијата како иницијација за внатрешната борба на човекот со „слатката смрт“ која го пружа последниот лет во амбисот, вели Сашо Огненовски.

– Патот кон себесознавањето е тежок и трнлив и човекот не успева да го изоди до крајот на својот живот. Сјајниот роман „Прелест“ нè поведува низ оние патишта кои се сè подалечни од човековата интактност, но го имаат мирисот на надежта која, за жал, во овие неизвесни времиња многу цврсто заспала долу на дното од Пандорината кутија – вели Огненовски.

Филип Грбиќ е роден во Белград во 1984 година. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. Работел како професор по филозофија во Гимназијата „Свети Сава“ во Белград. Објавувал преводи на книги и статии од руски, германски и англиски јазик, како и критички осврти во Културниот додаток на весникот „Политика“. Член е на редакцијата на Литературното списание што го издава Книжевното друштво на Србија. Првиот роман „Руминации за претстојната катастрофа“ досега имал три изданија (Плато, 2017, 2018), Вулкан (2019), а за него Грбиќ ја доби наградата „Милош Црњански“ за 2016 и 2017 година. Вториот роман „Прелест“ досега имал две изданија (Вулкан 2018, 2019).

Сподели