Коле Манев го доби признанието „Љупчо Филипов“ за развој на македонскиот стрип

Познатиот сликар Коле Манев ја доби наградата „Љупчо Филипов“ за развој и афирмација на македонскиот стрип, што ја доделува Стрип центарот на Македонија. Доделувањето на ова признание е дел активностите во рамките на традиционалниот меѓународен стрип салон, најреномирана стрип манифестација кај нас, а ќе биде отворена на 23 август во Велес.

Маневе е роден на 5 април 1941 година во с. Бапчор, во егејскиот дел на Македонија. Како дете заминал во непознат правец заедно со дваесеттина илјади Македончиња протерани од Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршува во Скопје. Во 1960 завршува прв степен на ликовната академија во Белград, а потоа заминува на студентски престој во Париз, па Прага каде посетува предавања за анимиран филм. Своите дела ги изложува во Македонија, Франција, како и земјите од Балканот.

Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и сликарство.

Влегол во историјата на списанието „Наш свет“ како прв македонски стрип цртач кој објавува на неговите страници. Почнувајќи од 1960 година, па сè до 1963 гoдина, Манев, во соработка со разни сценаристи, црта стрипови за македонски историски настани – Цар Самуил, Крале Марко, Карпош, Сирма Војвода, па преродбениците Кирил Пејчиновиќ, Крсте Петков Мисирков и други се’ до народните херои од НОБ , Стив Наумов, Орце Николов, Ибе Паликуќа, Вера Јоциќ.

Македонскиот стрип центар како организатор на целокупната манифестација, ова признание го наменува за заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на 9-та уметност кај нас. Досегашни добитници на ова признание се: Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков, поранешната групација „Тајфа Арт“-млади автори и подоцнежни основачи на нови стрип асоцијации, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, Киро Донев, редакцијата „Детска радост“, Оливер Ромевски, Стрип книжарницата „Бункер“, „Остен“- Галерија и списание, Томе Трајков-стрип работник, Александар Стеванов-хроничар и сценарист и Игор Стевковски-Стевац-стрип цртач.

Сподели