Во рамките на онлајн-хакатон, студентите од „Бреинстер“ добиле задача да изработат дизајн на постер и видео за 70-годишнината од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и 120-годишнината од издавањето на книгата „За македонцките работи“
„Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината“. Ова е само еден од познатите цитати на Крсте Мисирков, чие дело „За македонцките работи“ е трајно вградено во основите на современата култура на македонскиот народ. Оваа инспиративна мисла им послужи на студентите од Академијата за графички дизајн на „Бреинстер“ кои беа вклучени во одбележувањето на големиот јубилеј на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Институтот веќе 70 години континуирано се залага за промоција и афирмација на посебноста на македонскиот јазик, дома и во странство и го носи името на еден од најголемите заштитници на македонскиот јазик и култура.
Голем предизвик и одговорност за студентите
Во рамките на онлајн-хакатон, студентите од „Бреинстер“ добиле задача да изработат дизајн на постер и видео за 70-годишнината од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и 120-годишнината од издавањето на книгата „За македонцките работи“. Вработените од Институтот, пак имале задача да го изберат победничкото, од можните решенија што ги понудиле 5 тима. Победнички е тимот составен од студентите Ива Милчова, Љубица Атанасова, Миле Митев, Ангела Пановска, Бојана Давитковска и Габриела Манова.

– Вакви проекти што се поврзани со историјата на нашата татковина се од огромно значење, бидејќи и тие ќе станат дел од историјата – вели студентката Ива Милчова.
Од „Бреинстер“ велат дека како организација што нуди едукација за најновите технологии и вештини, а фокусот им е на луѓето што имаат потреба од преквалификација, доквалификација, но и стекнување висококвалитетно формално образование преку акредитираниот „Бреинстер Некст колеџ“, соработката со државни институции од областа на образованието им е особено значајна.
– Горди сме на квалитетните решенија што нашите студенти ги презентираа пред Институтот, што верувам го отежни изборот на најдобро решение. Се грижиме сите студенти на нашите академии да имаат можност да стекнат практично искуство преку работа на реални проекти кои ќе ги подготват за предизвиците со кои ќе се соочат во нивната кариера. Реалниот проект за Институтот го гледаме токму како отелотворување на оваа наша мисија – вели Јована Кануркова од „Бреинстер“.
Професионалност, сериозност и отвореност за соработка
Победничкиот тим од Институтот доби благодарници за добро завршената работа. Директорката на Институтот, д-р Елена Јованова-Грујовска вели дека големиот јубилеј бил добар повод за да иницираат соработка со „Бреинстер“. Иако досега соработувале со многу образовни институции, ова претставувало сосема ново искуство.

Елена Јованова-Грујовска
– „Бреинстер“ и Академијата за графички дизајн покажаа навистина висок степен на професионалност, сериозност и отвореност за соработка. Им честитаме за целокупната организациска поставеност. Овој тим од млади луѓе, полни со ентузијазам и амбиција, покажаа врвен професионален однос. Темелно и сериозно ги проучија нашите барања и цели. Беа достапни и подготвени да помогнат во секое време, точни и прецизни во работата. Согледавме дека тие, не само нам, туку и на своите студенти им нудат безрезервна поддршка, насочувајќи и охрабрувајќи ги во работата. Позитивниот однос кон клиентите и кон студентите, почитта кон секого и тимскиот дух се нивни клучни двигатели, кои ги одликуваат како посебен бренд – вели таа и ги покани студентите да го посетат Институт и да ја разгледаат спомен-собата на Мисирков.
Инспирацијата на студентите
Студентите раскажуваат со какви предизвици се соочиле додека работеле. Велат, ова е еден од проектите за кој чувствувале голема одговорност. Ива Милчова вели дека за сите ова било чест и предизвик.
– Идејата беше ние како дизајнери да испратиме важна и емотивна порака за јубилејот до целото општество за „Да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик. Зборувај на македонски, пишувај на кирилица“. Овие два слогана беа дел од проектот и сметам дека преку видеото и постерите ја постигнавме целта – вели Милчова.
Љубица Атанасова додава дека учеството на 48-часовниот хакатон на Академијата за графички дизајн било предизвикувачко, но и возбудливо искуство.

– Интензивниот притисок што произлезе од рокот, нè натера да размислуваме ефикасно, но креативно. Соработувајќи со тим од талентирани поединци, создадовме иновативни постери и едно емотивно видео кое ги импресионираше клиентите. Нашата напорна работа, решителност и страст резултираа со најдобро решение и нашиот тим беше избран како победнички тим – вели Атанасова.
Организирањето на хакатони и работа на реални проекти што на студентите на „Бреинстер“ им овозможуваат интензивна и динамична работа за реални клиенти се на посебен пиедестал при реализирањето на нивните образовни програми. Според Бојана Давитковска, работата на реални проекти за неа било од клучно значење за усовршување на вештините и знаењето кое го стекнала во текот на предавањата.
– Обврската да се креира продукт според барањето на клиентот и подоцна истиот да се претстави, е многу важно искуство за секој од нас кој започнува со оваа професија – вели таа.

Jована Кануркова и Елена Јованова-Грујовска
За време на одржувањето на хакатоните и реалните проекти, студентите постојано добиваат поддршка и помош од нивните ментори. На овој проект со нив работеше Александар Поповски кој вели дека имал привилегија од прва рака да ја посведочи посветеноста, талентот и тимска работа на студентите.
– Не само што покажаа исклучителна техничка моќ, туку и нивната тимска работа и соработка беа извонредни. Секој член на тимот придонесе со своите уникатни сили и експертиза, беспрекорно комбинирајќи ги заедно за да создаде кохезивно ремек-дело – вели Поповски.
Видеото и постерот беа презентирани на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, на која присуствуваа видни претставници од земјата и од странство, а ќе бидат користени и за промоција на Институтот.





