Премиера на краткиот филм „Имиња“ на Јане Спасиќ на „Синедејс“

Премиерата на краткометражниот игран филм „Имиња” во режија на Јане Спасиќ, е закажана за вечерва во 20.30 часот во Паркот на Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на фестивалот „Синедејс“. Во продукција на „Арт проект лаб“, филмот се снимаше во јуни минатата година во средното училиште „Лазар Танев“ во Скопје.

Во филмот главните улоги ги толкуваат: Драгана Костадиновска, како и три деца актери: Јаков Павлов, Георгиј Негриевски и Петар Царановиќ. Во епизодните улоги се појавуваат актерите Тамара Ристоска, Златко Митрески и Ангела Стојановска.

Директор на фотографија е Дејан Димески, сценографи се Срѓан Митровиќ и Михаил Пaнев, костимограф e Раде Василев, шминка и фризура Жанета Димитриевска, дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, а монтажер е Горјан Атанасов. Продуцент на филмот е Емилија Чочкова, која е и косценарист заедно со Саше Тасев и Огнен Георгиевски.

Филмот се реализираше со финансиска поддршка на Агенцијата за филм. Снимањето го помогна и: Круг филм, Дирекција за заштита и спасување, Министерството за одбрана, Генералштаб – Армија на РСМ, JЗУ СБГА „Мајка Тереза” – Чаир и Црвен крст – Социјално претпријатие „Копче“.
-Кога Марко и неговата мајка ќе пристигнат во прифатен центар за бегалци полн со деца, жени и стари луѓе, момчето запознава двајца другари, кои му објаснуваат дека е само прашање на време кога војниците ќе донесат кутија за чевли, полна со предметите на некој од нивните татковци, кои загинале во војната. Штом ќе се сместат во центарот, едно од децата му открива на Марко дека училницата во која се сместени е проколната.

Сподели