Пред полното гледалиште во паркот на Младинскиот културен центар, со македонската премира на филмот „М“ на Вардан Тозија, синоќа беше отворен 22. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“. Повеќе од 1000 луѓе го проследија филмот „М“ без здив и во паркот, но и во киното „Фросина“, истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на фестивалот.

– Им благодариме на режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфера и заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме низ целото издание на „Синедејс“, затоа што имаме одлична програма која витешки ја сработивме со драстично намален буџет. Се надевам дека годинешниов исклучок нема да биде практика – истакна Арсова.
Повеќе за програмата на вториот фестивалски ден, на следниот линк.
Под слоганот „Муви најт“, Скопје до 18 јули ќе живее во филмот на „Синејдес“, за жал со редуциран број на локации и филмови на репертоар, но доволно атрактивни да ги задоволи и најпребирливите филмофили.

Со проекција на 40 филмови во неколку селекции, македонски премиери на долгометражните остварувања на Тозија, Горан Столевски и Гоце Цветановски и селекцијата на кратки филмови, уникатни работилници, мастер клас и панел дискусија, како и неколку концерти годинешниов „Синедејс“ ќе го слави филмот и неговите најнови достигнувања.

Билетите ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.
Фестивалот е поддржан од Кинотека на Македонија, Публицис, Скопска пивара, ЕУ за ТЕБЕ, Неотел, Гете институт, Агенцијата за филм на РСМ и Град Скопје.





