Пишува: Тони Цифровски, Македонско радио
… „М – како мов… како магла…. како Марко… како мајка…“
Цели 7 години му требаа на нашиот мошне талентиран филмски режисер Вардан Тозија да го претстави својот втор целовечерен игран филм. По успехот на „Џган“, многу беше важно да не му се случи „проклетството“ на вториот филм. За среќа, резултатот е ис(чек)ув(ање) што се исплатеше.
„М“ нè води во македонското „Тивко место“. Скриено е во длабока шума со бујна вегетација, „полна со мов, засолнета од магла“. Светот надвор од неа, како последица на смртоносен вирус, не е таков како што го знаеме. Малиот Марко живее во шумска колиба само со својот татко кој премногу заштитнички се однесува кон него. Еден ден во шумата го среќава Мико, момче со Даунов синдром и – пријателството е склучено. За жал, многу брзо е ставено пред искушенијата на надворешниот свет од кои шумата повеќе не може да ги заштити.
Начинот на кој е раскажана приказната, количеството љубов што излегува од безмалку секој кадар, зборува многу за целата екипа која стои зад ова остварување. Режисерот Вардан Тозија, сценаристички поддржан од Даријан Пејовски („Три дена во септември“, „Мими“), умешно ги комбинира жанровите, поигрувајќи си со публиката на моменти разнежено препуштена на искрената детска игра, за веднаш потоа да ја врати во суровоста на светот што ја изгубил хуманоста.

Чудесен е кастингот на Милка Анчевска. Матеј Сиваков во улогата на Марко е навистина еден во милион. Природната поврзаност со неговото другарче Мико што го толкува Александар Ничовски е главната нитка на поистоветување и безрезервно освојување на симпатиите од публиката. Сашко Коцев во улогата на таткото е сè она на што не сме навикнати од него. Овој пат со огромна леснотија ја отфрла наметката со златен прав врз точките на патувачкиот инсект и широкиот дијапазон на својот раскошен актерски талент го покажува на најдобар можен начин.
Оваа „тројка“ помогната од нивните колеги, во споредните улоги, пред сè, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Благој Веселинов, Оливер Митковски, … облечени во контрастните костими на добрите познанички Андреа Кустовиќ (искуството од работата на ТВ серијата „Игра на троновите“ е очигледно мошне значајно) и Николина Костањшек, со ефектната и одлично непретенциозна маска на Горан Игњатовски, донесува резултат достоен за успешните серии актуелни на бројните платформи за нивно следење.
Музиката на композиторот Натанел Бергезе, докажан во неколку анимирани остварувања, овде е особено моќна во сцените во кои ги придружува децата. Нему му се придружува и сомотскиот глас на Нина Спирова во чија изведба македонските евергрини (секогаш) нудат бегство од реалноста.
Како и низ сигурната соработка во „Џган“, искусното око на директорот на фотографија Владимир Самоиловски во „М“ плени со играта на светлината дополнително обојувајќи ги волшебните кадри за кои е заслужна природата, за веднаш потоа со сивата и црната да го нагласи контрастот на постапокалиптичното милје. (Ова веројатно ќе биде уште повпечатливо кога филмот ќе се прикажува во кино сала каде што му е местото, без надворешни фар-влијанија во импровизирани услови).
Македонската кинематографија преку „М“ се збогати со сериозно остварување кое за огромна среќа отклонува од редовното фрустрирачко социјално милје на граница со самосожалување на кое некако премногу се навикнавме на домашниот голем екран. Вардан Тозија, пак, со право уште повеќе ни ги зголеми очекувањата во пресрет на неговата следна, трета, целовечерна филмска среќа.





