Изложба на Ема Петрова и Драган Верговски-Алпи во Суводол

Во Центарот за креативни индустрии „Небо“ во Суводол, Демирхисарско, денеска во 17.30 часот ќе биде отворена изложба на дела од уметниците Ема Петрова и Драган Верговски-Алпи. Тие ќе се претстават со дела во рамките на проектот „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“.

Ема Петрова (1967,Скопје) е советник-реставратор во Конзерваторскиот центар во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во 1991 година, отсек сликарство, насока конзервација и реставрација во класата на професорот Симон Шемов. Истата година се вработила во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата – Скопје (денес Конзерваторски центар-Скопје) како сликар-конзерватор за штафелајно сликарство. Во 2014 магистрирала на Факултетот за применети уметности во Белград на тема „Конзервација и реставрација на двострани слики“. Активно учествувала во изведбата на авторскиот фрескоживопис во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ под водство на м-р Јован Петров.

Во своето 30 годишно искуство како експерт во областа на конзерваторско-реставраторските проблеми на штафелјано сликарство работи на изготвувањето и реализирањето на сите проекти од оваа област во нашата земја. Со тоа се здобива со значајно искуство во решавањето на техничко-технолошките, конзерваторско-реставраторските проблеми и разновидноста на материјалите во областа на сликарските техники од масло на платно, икони, масло на картон, масло на шперт плоча, темперна техника, акрилна техника, комбинирана техника, фреско сликарство, мозаик, објекти и скулптури. Има конзервирано повеќе од 800 ликовни дела од значајните македонски и странски уметници. Како сликар има реализирано две самостојни изложби, а учество ќе земе во повеќе групни изложби.

Во моментот работи на реализација на проектот за конзервација и реставрација на 122 дела од спомен куќата на македонскиот уметник Лазар Личеновски. Живее и работи во Скопје.

Драган Верговски-Алпи (1950, Белград) е советник-конзерватор. Средно уметничко училиште завршил во Скопје кај професорот Димо Тодоровски, Педагошка Академија кај професорот Борко Лазески, а воедно дипломира и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класта на професорот Димитар Кондовски. Самостојно излага од 1968 година со изложба во Младинската работна акција „Нов Белград“. Позади себе има реализирано голем број на самостојни ликовни изложби како во земјата така и во странство, а учество ќе земе и во групни изложби. Низ своето 40 годишно работно искуство како сковетник конзерватор за мозаици во Конзерваторскиот центар во Скопје дал голем придонес во зачувувањето на македонското културно наследство. Се бави со изведба на мозаици, фрески и сценографија. Живее и работи во Скопје.

Сподели