„По стапките на… проф. д-р sci Томе Манчев” е насловот на проектот што ќе биде изведен вечерва во 21 часот на платото пред Народниот театар од Гевгелија, во чест на композиторот Томе Манчев. Неговото мото беше да се создаде високо, квалитетно и уметничко дело со моќна експресија, високо ниво на психо-енергија, совршено композициско-техничко обликување, но и дело што ќе успее да го „предаде” како граѓанин на Македонија. Всушност, дејноста преку која овој композитор ќе остане особено запаметен е неговата педагогија на сите степени на образование – од средно до докторски студии.
Омажот е симболично навраќање конципирано преку делата на неговите студенти по композиција. Составен е од композициски начела на сега веќе реномирани творци, поранешни студенти по композиција, дела создадени под менторство на проф. д-р sci Томе Манчев. Омажот „По стапките на…” е посветен на проф. д-р sci Томе Манчев од неговите докторанти, поширокото семејство и почитувачи на неговата музика и дејност.
Проф. д-р sci Томе Манчев е роден во Гевгелија, на 25 април 1950 година, а почина на 11 април 2020-та во Скопје.
Во проектот учествуваат: Валентина Велковска Tрајановска – Исон, Горан Начевски (Симфониска Поема 7, Звуци на Осаменост – 7 Афоризми за Пијано), Михајло Штерјев (Allusioni Marini, Вулнет Таири – Симфонија бр. 15), Борис Светиев (Concert Etudes for Piano and Symphonic Orchestra) Микс: Martchin Снимано во Музичко Продуцентско Студио “Алшар” – Скопје. За визуелизациите се погрижи Петар Џон, а за колор корекцијата – Илија Павлов.





