Оливер Андреевски викендов низ прстен ќе ја гледа Елисавета Булоска

Етнологот Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се младоженците на 60. издание на традиционалната културна манифестација „Галичка свадба“ која викендов (од 14 до 16 јули) ќе се одржи во живописното село на падините на Бистра. Покровител на манифестацијата е претседателот Стево Пендаровски со поддршка од Министерството за култура.

На вчерашната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека Галичка свадба е повеќе од обичен настан.

– Секоја песна, танц, секој обред пренесува пораки за нашата историја, верувања и обичаи. Тоа се приказни што не смее да се загубат и да се заборават. Сево ова им нуди можност на младите да се поврзат со своите корени, да ги споделат нашите обичаи со посетителите, потврдувајќи колку сме горди на нашата култура и културни вредности – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа рече дека Институтот за фолклор работи на елаборат со кој манифестацијата ќе добие заслужената институционална заштита. Костадиновска-Стојчевска им посака долг и спокоен живот на младенците и ги покани сите љубители на традицијата викендов да го посетат Галичник.

Традиционално, почетокот на годинашната „Галичка свадба“ ќе биде означен в сабота, 15 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени познатите свадбарски ритуали – пречек на тапаните и свекрвино оро, а ќе биде одиграно и „Тешкото“ – оро кое го симболизира испраќањето и пречекот на печалбарите, што била честа појава во овие краеви. Утрото в недела, 16 јули, ќе го одбележат традиционалните свадбени обичаи, а венчавањето на младенците ќе се изврши во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.

Сподели