Во галеријата „Пионери“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од Зулејха Зубери Али. Нејзините слоевити монохроматски слики ги отсликуваат боите и амбиентот на куќите во Прованса, кои се растегнуваат од сиво сини врати до подови со боја на керамида и светло зелени прозорци.
– Целта на повеќеслојноста и минималистичката повторлива текстура е да ја покажат медитативната сила на летниот одмор и новата енергија која ја буди во нас. Авторката посочува на важноста да си дозволиме момент на радост и време за одмор и во секојдневниот живот.
Во мирните слики на Зулејха, радоста на живеењето надвор од градовите, раскажана низ палетата на Прованса, е начин да се побегне од секојдневната рутина на живеење – велат организаторите.
Зулејха Зубери Али дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учествувала на повеќе групни и самостојни изложби во Македонија и надвор.





