На 75-годишна возраст денеска почина сценографот Живојин Трајановиќ. Тој речиси целиот свој работен век го поминал работејќи како сценограф на Македонската опера и балет. Но, исто така работел и на бројни културни манифестации и телевизиски проекти.
Живојин Трајановиќ е роден на 12 февруари 1948 година во с. Табановце – Куманово. Во 1968 година се запишал на Филозофскиот факултет во Белград, на отсек историја на уметноста – група музеологија, а во 1972 година се запишува на Академијата за применета уметност, отсек сценографија, во Софија каде што дипломирал во 1976 година. По дипломирањето, од 1977 г. работи во Македонската радиотелевизија и во текот на двегодишното работење има реализирано над 60 проекти, сценографии и костимографии од различни жанрови.
Од 1978 година работи во Македонскиот народен театар – Опера, како сценограф. Во текот на изминатите години има реализирано повеќе оперски, балетски и драмски претстави. Со своите сценографски трудови учествувал на повеќе републички, државни и меѓународни изложби.
Во 2020 година беше промовирана книгата „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“ од проф. д-р Владимир Величковски, а беше отворена и изложба од уметничкото творештво на академскиот сликар-сценограф Живојин Трајановиќ во Опера и балет.
„…Со кревањето на завесата, првиот збор го кажува сценографијата…“ – ова се зборови на Трајановиќ.





