Фоторепортерите во Македонија се соочуваат со огромен проблем на дефицит на професионалци во секторот. Младите се незаинтересирани за професијата, рече фоторепортерот Петр Стојановски како претставник на Секцијата на фоторепортери при Здружението на новинарите на Македонија на вчерашната работилница што се одржа во ЗНМ. Тој зборуваше за праксата од странски агенции во делот на заштита на авторското право и за предизвиците со кои се соочуваат дома.
Пвеќе од 20 присутни медиумски работници и фоторепотери зборуваа за подобрување на законските рамки, механизмите за спроведување, новите трендови и технолошките достигнувања кои влијаат на заштитата на авторското право во македонската медиумска индустрија. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека ова е особено важна тема.
– Ние како еснафско здружение сакаме со вас заеднички да ги решиме секојдневните предизвици со кои се соочувате – рече Чадиковски.
Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски ги потенцираше средбите на претставниците на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ со институции во земјава надлежни за унапредување на праксата со неказнивоста на нелегалното преземање на фотографии од страна на медиуми. Беа споделени информации за средбата со претставниците од секторот за комуникации на премиерот на која се дискутирало за проблемите со кои се сочуваат фоторепортерите при покривање на настан од јавен интерес.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми се осврна на хрватските искуства со авторското право во онлајн доменот и на добрата компаративна пракса и на недостатоците кои сè еуште постојат во земјава. Според Георгиевски, мора организирано и доследно да се бараат заштита на правата како и по природата на темата мора решението да дојде низ судска пракса.
Адвокатот Иван Брешковски истакна дека од особена важност е фоторепортерите да внимаваат какви договори за хонорари и договори за вработување потпишуваат со своите работодавачи и да внимаваат како им ги пренесуваат материјалните права за фотографиите кои ги произведуваат во текот на својата работа.
За законските специфики на авторското право во македонски контекст како претставник од надлежното министерство свое излагање имаше Ацо Стефаноски, раководител на одделението за авторско право и сродните права во Министерството за култура. Тој посочи дека според постоечките законски регулативи, ако има повреда од материјална природа и обвинителството мора да покрене кривична постапка бидејќи неовластеното преземање на фотографии има највисоки стандарди во светот и претставува кривично дело.
На работилницата беа опфатени различни аспекти, вклучувајќи ги законските рамки, механизмите за спроведување, новите трендови и технолошките достигнувања кои влијаат на заштитата на авторските права во македонската медиумска индустрија.
Фото: Киро Попов





