„Франкештајн“ – младинска претстава за денешната генерација

Театарoт за деца и младинци од Скопје синоќа премиерно ја изведе младинската претстава „Франкештајн“ работена според истоимениот роман на Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ од Србија. Драматизацијата е на Димитрије Коканов од Србија и Драгана Лукан Николоски. Претставата се занимава со темата за создавањето на чудовишта во секојдневието и општото прифаќање на нив.

– Ова е прва наша премиера на младинска претстава годинава. Како и во изминатите неколку месеци, се обидуваме секогаш да направиме нешто поразлично од претходното. И оваа претстава ќе биде некој новитет, иновација – вели директорката на претставата Катарина Илиевска-Силјановска.

Според режисерот Младеновиќ, целта е да се раскаже приказната од нашето време, како ова време не прави чудовишта и зошто се однесуваме чудовишно кон оние кои немаат глас, кои се дискриминирани.

– Сите ние истражуваме и откриваме кој е Франкештајн во нашето време. Кого го дискриминираме и зошто. Кого го отфрлуваме, кои групи во општеството се дискриминирани и кон кого сме најмногу агресивни само затоа што се разликува од нас по изгледот, вера, нација, сексуално определување – вели тој.

Според драматургот Коканов, романот на Мери Шелин го искористиле за истражување на контекстот во кој ние се наоѓаме. Значајно во изведбата е што таа настанала како колективен глас на сите поединечни учесници во просецот.

– Се занимававме исклучиво со дефинирање на прашањето кој е тој другиот во општеството, особено затоа што ние на Блаканот имаме различни начини на дискриминација – вели Коканов.

Лукан Николоски објаснува дека се обиделе да го доловат јазикот на кој што зборува таа генерација.
– За да можеме на нивниот јазик да им зборуваме кој е нивниот интерес и да се обидеме да не бидеме надмени, туку да комуницираме со нив онака како што заслужуваат, со апсолутен почит и со третман дека ние сите сме еднакви на сите нивоа – вели Лукан Николоски.

Во претставата играат Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанкевска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.

Фото: Театар за деца и младинци

Сподели