Со зголемување на ресурсите и реорганизација на мрежата на основни училишта може да се подобри квалитетот на образованието – ова беше главниот заклучок на денешниот меѓународен форум на кој учествуваа креатори на политики, експерти и практичари кои дискутираа за извлечените поуки и клучните фактори на успех од реорганизацијата на училишната мрежа во европските земји.
Форумот го организира Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светска Банка за да се добијат информации што ќе помогнат во спроведувањето на тековната работа поврзана со оптимизацијата на училишната мрежа во Северна Македонија.
Со цел да се одговори на тековните предизвици во образованието, во тек е спроведување на иницијативата за оптимизација на мрежата на основни училишта која опфаќа и ревидирање на формулата за финансирање на основното образование во Северна Македонија. Во моментот десет пилот општини добиваат поддршка за спроведување на локални планови за оптимизација во блиска консултација со учениците, родителите и наставниците во училиштата.
– Оптимизацијата на училишната мрежа во соработка со општините е една од приоритетните активности на Министерството за образование и наука. Општините не треба да бидат загрижени од оптимизацијата, затоа што заедно ќе работиме со нив за успешно да го спроведеме овој процес. Во случаите каде што немаме доволен број ученици заради намалениот наталитет или миграцијата, ќе се консултираме со локалната заедница за да се идентификуваат потреби за пренамена на неискористениот училиштен простор за задоволување на потребите на граѓаните од други социјални услуги – рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

– Зголемувањето на јавното финансирање и инвестирањето во образованието е предуслов за подобрување на квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца. Треба да добиеме повеќе од инвестициите направени во образованието и за да го постигнеме тоа, треба да истраеме во реформите на наставната програма што обезбедуваат децата да ги стекнат знаењата, вештините и способностите потребни за напредување во модерното општество. Треба да се стави поголем фокус. ставен на обезбедување дека ресурсите се насочени кон областите каде што најдобро може да се постигнат подобрувања во резултатите од наставата и учењето Системот за финансирање треба да обезбеди соодветни ресурси за образование во училиштата со повеќе наставни јазици, како и за децата во социјален ризик, вклучително и децата со попреченост и оние кои доаѓаат од посиромашни домаќинства – рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.
Според Бојана Нацева од Светска банка, виш специјалист за образование, во моментов се работи на финализирање на формулите за финансирање за основно и средно образование и на методологии за оптимизирање на училишната мрежа во основното образование.
– Главни придобивки што може да ги очекуваме како резултат: 1) со новите формули финансиите ќе го следат ученикот и неговите потреби, на начин на кој најранливите ученици ќе бидат приоритет; 2) ќе ги стимулираат и наградуваат училиштата кои работат добро и одговорно врз база на јасни критериуми 3) ќе ја подобрат ефикасноста со што ќе се ослободи повеќе простор за инвестиици во средината за учење и поддршка за наставниците – рече Нацева.
Земјата се соочува со образовна криза, при што постигнувањата на учениците се под просекот на Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Огромните демографски промени, вклучително и намалувањето на наталитетот, зголемената миграција и урбанизација без поголеми прилагодувања на мрежата на основните училишта, резултираа со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар во некои средини. Наспроти тоа, други училишта имаат премногу ученици и недостиг на кадар, па затоа мора да организираат часови во две смени – што може да влијае на резултатите од учењето.
Ваквите промени доведоа до неефикасна и неправична распределба на ресурсите. Дополнително, најголемиот дел од расходите за основно образование се за покривање плати на училишниот кадар, што остава недоволно финансиски средства за одржување на објектите во добра состојба и инвестирање во модерна опрема, воведување иновативни методи во наставата и учењето и професионален развој на кадарот.

Зголемувањето на ефикасноста и ефективноста на мрежата на училиштата во основното образование, истовремено обезбедувајќи еднаквост во пристапот до училиштата, е предизвик за многу земји.
За да дознаат повеќе за искуствата од други европски земји, учесниците имаа можност да разговараат со експерти од Португалија, Полска, Данска, Норвешка и Бугарија за време на трите сесии посветени на оптималното финансирање, подобрената распределба и искористеност на човечките ресурси во училиштата за подобрена ефикасност и квалитет, спојувањето или проширувањето на училиштата како одговор на демографските промени, обезбедувањето превоз и соодветна средина за префрлените ученици во училишта што нудат подобри услови за учење.
Главниот говорник на настанот, Лука Боескенс, аналитичар за политики во ОЕЦД, сподели информации за реорганизацијата на училишните мрежи во неколку земји на ЕУ и како тој процес придонесе за зголемена ефикасност и подобар квалитет на образованието.





