Плаошник, Хераклеја Линкестис, црквите во Курбиново и во Скопје, делата на зографите и мијачките мајстори се во фокусот на изложба на фотографии која од денеска до петок ќе биде отворена во Меморијалната куќа „Христо Узунов“ во Охрид. На големи формати ќе бидат претставени значајните културно-историски локалитети и културното наследство на Охрид и на територијата на Македонија.
Според организаторите на изложбата, „Медија бродкастинг“, целта на проектот е подобро запознавање и подигнување на јавната колективна свест за културно наследство на нашата земја.
На изложбата се засташени фотографии од Плаошник нас Охридското Езеро каде свети Климент создал книжевна школа и универзитет, црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Курбиново, на брегот на Преспанското Езеро, манстирот „Св. Пантелејмон“ во близина на Скопје, античкиот град Стоби кај Градско, Хераклеја Линкестис кај Битола, фреските, иконите, резбите и иконостасите од Бигорскиот манастир на прочуените протомајстори Макарие Фрчкоски, Дичо Зограф и плејада нивни ученици и соработници во 19 век. Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура.





