Изложба на дела од доајенот Родољуб Анастасов вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Под наслов „Визии – Глава полна со луѓе“ тој ќе се претстави со свои најнови дела.
– Извонредниот портретист од својот мемориски трезор изнедри повеќе од 200 портрети, насликани во периодот 2016 и 2022година – велат од Музејот.
Родољуб Анастасов е роден во Скопје, на 25 февруари 1935 година. Тој е еден од најважните автори во современата македонска уметност. Во 2009 година, Американскиот биографски институт го вброи меѓу 500 најголеми автори на 21 век. Во 1962 година дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1963 до 1965 година бил на робија на Голи Оток.
По враќањето во Скопје почнал да работи на полето на нефигуративната уметност. Од 1980 година до пензионирањето бил професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2011 година, Анастасов на Музејот на град Скопје му подарил колекција од вкупно 389 ликовни дела.





