23 уметници твореа во чест на 60 години од земјотресот во Скопје и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов

Дваесет и тројца уметници учествуваат на изложбата „Скопски урбани приказни – во 5 и 17“, што од денес во наредните 7 дена ќе се реализира на повеќе локации низ Скопје. Идејата за изложбата е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а куратор е Дијана Томиќ Радевска. Изложбата е во рамките на Скопско лето. Изложбата ќе се одвива од денес до 9 јули, со почеток и отворање токму во 5:17 (17.17) часот, сè до вечерните часови, а изложбите ќе бидат достапни за посета во работното време на институциите секој ден, сè до 9 јули.

Учествуваат уметниците: Марина Лешкова, Вана Урошевиќ, Нина Гештаковска, Жанета Вангели, Маја Стефановскa, Тања Таневска, Соња Димовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Игор Сековски, Маја Кировска, Дејан Иванов – Маргуш, Ѓорѓе Јовановиќ, Борче Богоевски, Тања Ристовска, Кристијан Јованоски, Драганчо Таневски, Ива Станковска, Душан Стефановски, Ѓорѓи Динев, Стефан Јакимовски.

Отворањето ќе биде во Културно-информативниот центар симболично во 17. 17 часот, во паркот и продажната галерија, каде ќе бидат поставени дела од 10 уметници, потоа движењето продолжува кон Францускиот институт Скопје – излог галерија, каде се поставени дела од двајца уметници, продолжува кон приватната галерија „Грал“ – мала галерија и билборд пано, таму се поставени 7 уметници, движењето продолжува кон улицата „На липите“, во Дебар маало (Буњаковец), со објект инсталација од еден уметник и движењето завршува кон градската кафеана „Пелистер“, каде ќе бидат поставени двајца уметници. Како гости на овој проект ќе учествуваат соработници од училиштето „Партенија Зографски“, каде текстот на Ацо Шопов „Во 5 и 17“ ќе го презентираат на видео на знаковен јазик.

ДЛУМ и КИЦ со овој проект ќе се придружат на сеќавањето на 60 години од скопскиот земјотрес и на Ацо Шопов, два големи јубилеја значајни за оваа година.

Мотив за размисла и поттик за творците е текстот на македонскиот поет Ацо Шопов, „Во пет и седумнаесет“, кој е посветен на земјотресот во Скопје и светската солидарност. Спојот на литературата и ликовната уметност, поезијата и ликовната уметност се во синергија на сетила, емоции и интелект. ДЛУМ преку селекција од кураторот Томиќ Радевска, носител на идејата, покани уметници кои низ класичен, но и интердисциплинарен и мултимедијален пристап, ќе изложат свои дела на неколку локации во централното градско подрачје на Скопје.

 

Сподели