„Вилина во простор“ е насловот на самостојната изложба на скулпторката Маја Танева која вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ова е нејзина 12 самостојна изложба. Таа ќе се претстави со неконвенционални пајажинести скулптури и тродимензионални разгранети ѕидни инсталации со употреба на челични индустриски јажиња (сајли).
– Во нејзиниот интимен визуелен и ликовен јазик вилината постанува метафора на заемното дејствување меѓу човекот и природата, симболизирајќи ја способноста за адаптација и постојаната метаморфоза, клучни во процесот на севкупната еволуција во природата и преживувањето на човештвото. Во линеарен ритам на волуминозните асиметрични конструкции, Танева скулпторски раскажува слободна лирична наративност со дијагонално извиени и динамични асоцијативни апстракции – вели Викторија Димеска во текстот за изложбата.
Маја Танева е линеарен уметник, скулптор. Дипломирала и магистрирала на Ликовната академија, отсек скулптура во Софија, Бугарија, во класата на проф. Емил Мирчев. Живее и твори во Скопје. Танева е член на ДЛУМ од 2010 година и на ДЛУБ од 2023 година.





