„Елегија во пет здива“ – танц-театар за внатрешната психологија на актерот/танчер

Пишува: Звонко Димоски

Во серија текстови ќе и посветиме внимание на независната продукција која беше дел од 57. МТФ „Војдан Чернодрински“. Оваа сцена покажа дека заслужува внимание, дека е храбра и модерна.

„Елегија во пет здива“ е танц-театар кој посегнува по големата литература на нашиот јазик, создаден по мотиви од избрани стихови од поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.

Во претставата се користи музика од ДахаБраха, Чајковски, Бетовен, Харфман, Џрниќ, Пендеревски, Дуке Бојаџиев и Синтезис, при што актерите, за да го присвојат, односно телесно вдомат стихот и да го затанцуваат невидливото, режисерот и кореограф Петковски ги води низ техниката „вјупоинтс“, адаптирана од режисерите Ен Богарт и Тина Ландау, која служи како медиум за освестување на сетилата за гестикулација и мимика, преку движење и креативно изразување во просторот.

Улогите ги толкуваат: Васил Зафирчев, Наталија Теодосиевска, Симона Димковска и Сара Цветковска.

Преведувањето/пренесувањето на ваква густа, и во случајов, исклучителна важна литературна материја од јазикот на танцовиот театар изгледа невозможно, но во концептот на Петковски совршено функционираше, бидејќи тој не се стремел само кон чистиот танц, којшто гледачот може недоволно јасно да го прочита од сцената.

Танчерите-актери, совршено, преку импровизација и взаемно позајмени елементи, одредените наративни асоцијации ги градат врз основа на контрасти и линеарност на последователните актови, со видливи и читливи индивидуални пристапи кон сопствените движења и стихови. Иако фокусирани на движењето, ги градат своите перформативни ликови и со актерски средства, пленејќи на сцената со нивната внатрешна психологија.

Во тоа секако им помагаат Милчо Александров, Бојан Стојков и трите костимографки (Антонија Гугинска Јорданоска, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска), чија сценска интервенција ја надополнува атмосферата која чекори, лебди, дише и се вземјува на сцената. Сето ова, им овозможува на танчерите-актери да станат нереални и метафорични, што во случајот на избраните стихови и поети е исклучително важно и тешко да се имплементира во чистиот театар.

Во овој оригинален сценски израз, во кој насликани се теми како одминувањето на животот, телесноста, стареењето и умирањето, немоќта и лудоста на човековиот дух и спознајност, традицијата, љубовта и загубата итн., користени се стиховите „Порака“ и „Бакнеж во трева“ од Радован Павловски, „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов, „Кога некој заминува сѐ, што е создадено се враќа“ од Никола Маџиров, „Има долу една крв“ од Ацо Шопов, „Над гробот од Дениција“ и „Ако не си ти“ од Петре М. Андреевски.

Сподели