Претставата My Name is Medeja на Народниот театар од Битола ја доби наградата за уметничко остварување во целина на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Меѓународно жири во состав: Јанко Љумовиќ од Црна Гора, претседател и членовите Милош Љумовиќ и Мирослав Мики Радоњиќ доделија 15 награди. Жирито одлучи да не додели награда за текст.
Наградите ќе им бидат врачени на лауреатите вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а во нивна чист, Српското народно позориште од Нови Сад ќе ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

My Name is Medeja
Уметничкиот директор Љумовиќ истакна дека My Name is Medeja и „Чудна случка со кучето во ноќта“ се издвојуваат по својата естетика и по истражувачкиот театар што во нив го има. Жирито се согласи дека македонскиот театар треба да продолжи да истражува, дека актерската игра била најдоброто во сите претстави. Тие порачаа театарските менаџери повеќе да се фокусираат на домашната драма.
– Естетските и уметничките квалитети на претставата на Битолскиот театар, и ставот на режисерот Хорват кој влегува во проблемите на современоста се нешто импресивно кои ја означуваат мисијата на театарот денес. Денешниот театар ја промислува современоста преку стварноста. Очигледно има две претстави кои се издвојуваат. Тие претстави покажуваат високо постигнат уметнички резултат, ансамблите исклучително го изнесоа режисерскиот концепт – истакна Љумовиќ.
Претставата My Name is Medeja ги доби следните награди: за рекламен материјал за Сашо Илковски, за музика на Драго Ивануша, награда за главна женска улога за Илина Чоревска и награда за најдобра режија за Себастијан Хорват.

Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска ги доби следните награди: за кореографија и сценски движења за Симон Симоновски, за костимографија на Елена Вангеловска и Раде Василев, награда за сценографија за Константин Трпеноски, за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска за улогата на Џуди и за главна машка улога за Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун.

Матеа Јанковска во „Роња, ќерката на ограбувачот“
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“, за млад актер „Трајко Чоревски“ награден е Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја добива Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.

Дин Ибраџим и Хакан Даци
Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Прилепска пиварница, Витаминка. Посебна благодарност до Бит крафт, што ја направија фестивалската интернет-страница. Пријатели
на фестивалот се: Театар за сите, Самоглас, Гледај.мк, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, МТВ, Донирај компјутер, кафе бар „Лувр“, Монарка – гастробар, Македонија осигурување, Македонска куќа, Урбан ера, Чоше, Брос бургерс, Аура, Каре, хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида и други Медиумски покровител е МРТ.





