Обновена студентска лабораторија на Институтот за хемија преку проектот „Науката и јас“ од „Џонсон Мети“

Модернизирана студентска лабораторија во која се запазени сите безбедносни аспекти доби Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Лабораторијата е обновена со финансии од проект од програмата Science and me на Johnson Matthey London, а реализиран од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија – СХТМ. По 55 години, ова е првата студентска лабораторија во која се направи посериозна инвестиција и модернизација. Работните површини на масите се целосно заменети со нови, обновена е водоводната инсталација, а извршена е интервенција и во електричната инсталација.

– Преку реализација на проектот се обезбеди простор во кој студентите ќе може да реализираат практична настава, но истовремено обезбедени се и услови за непречено одвивање на подготовките на ученици за меѓународни олимпијади по хемија – велат од СХТМ.

Во изминатиот период, и пред официјалното отворање, лабораторијата беше искористена за промоција на можностите за студирање на Институтот за хемија (во рамките на т.н. отворени денови). Во оваа лабораторија, ученици од 3 основни училишта имаа можност да експериментираат и да се запознаат со дел од тајните на хемијата. Истиот ден кога беше официјално отворена, лабораторијата беше искористена и за обука на наставници од средните стручни училишта.

На отворањето, деканот на Природно-математичкиот факултет, проф. д-р Александар Скепаровски, искажа благодарност за досегашната соработка со Johnson Matthey Скопје и ја потврди заложбата на ПМФ за идната соработка и реализација на други заеднички проекти. Проф. д-р Марина Стефова, раководител на секцијата за образование при СХТМ, ја потенцира важноста од овој тип проекти за подобрување на практичната настава по хемија на Институтот и работата со талентирани ученици. Ентузијазмот и добро завршената работа беше препознаена од страна на претставниците на Џонсон Мети од Скопје, за што директорот Боријан Борозанов ја изрази подготвеноста за идна соработка со ПМФ, но и поддршката за студентите за учество во најразлични програми на практиканство овозможени токму од Џонсон Мети. Дополнително, на настанот присуствуваше и директорот за глобално производство на Clean Air – Мауриц Виларт кој укажа на подготвеноста ЈМ да овозможи континуирана поддршка на младите и ја истакна потребата за блиска соработка меѓу компаниите и високообразовните институции.

При реализирањето на обновата на лабораторијата, несебично помогна и Природнно-математичкиот факултет, Институтот за хемија, а СХТМ ги обезбеди потребниот инвентар, опрема и материјал за работа, преку помошта обезбедена од повеќе компании и институции.

Сподели