Проектот „Математичка цедевита“ им донесе второ место на ученици од охридското основно училиште „Кочо Рацин“ и нивната менторка на Регионовизијата за стрип која се одржа минатата недела. Наградата е во категоријата предметна настава, а ја освоија шестоодделенките Бојана Митоска, Јана Спироска и Магдалена Танаскоска под менторство на Фила Вероска-Стојковска. И останатите два стрипа високо котирале во конкуренција од 60 стрипа од 25 училишта. Успешен пласман имале и учениците што учествуваа на Регионовизија за најдобри карикатури.

– Особено радува фактот дека учениците преку спроведената евалуација, овој забавен и едукативен проект високо го оценија и покажаа желба идната година повторно да учествуваат на ваков или сличен проект. Математика + стрип + креативност + соработка во рамките на училишниот тим = успех – вели Вероска-Стојковска.
Невообичаениот спој на математиката, уметноста и литературата во основното училиште „Кочо Рацин“ во Охрид почнал да се имплементира во текот на второто полугодие во оваа учебна година преку eTwinning проектот „Математика низ стрип и карикатура“. Проектот го поврза школото да соработува со партнерски училишта од 5 различни земји: Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Турција. Тимот е составен од менторите Силвана Крстеска (математика), Богоја Мојсоски (ликовно образование) и Фила Вероска-Стојковска (македонски јазик) и 14 исклучително талентирани ученици од предметна настава.

– Интеграцијата на математиката, уметноста и пишаниот збор надополнати со користење ИКТ алатки резултираше со креирање различни ученички изработки (лого, карикатура, стрип). Учениците во текот на целиот проект тимски работеа учејќи најпрво како да се заштитат себеси и своите лични податоци на интернет при што креираа аватари, се запознаа со Законот за авторски права и кои слободни ресурси можат да ги користат. Имаа интегрирани часови за стрип на кои се запознаа за структурата на стрипот и како можат да креираат стрип користејќи ИКТ алатки (Pixton, Canva и др.) – објаснуваат наставниците.

Тие имале и часови за цртање карикатури, интегрирани во наставната програма по ликовно образование, а во корелација со математика и македонски јазик. Креациите кои ги изработија учениците беа претставени на заедничка изложба на стрипови и карикатури во холот на училиштето која ја посетија сите ученици во училиштето. По гласањето, најдобрите стрипови и карикатури го претставуваа училиштето на завршната манифестација – Регионовизија.

– Гласањето беше по евровизиски принцип – вклучени беа училиштата, односно учениците кои доделуваа бодови и се гласаше за најдобри стрипови и карикатури во три категории: одделенска настава, предметна настава и средно образование – велат наставниците.





