Нурнете во јапонската култура на 2. „Нихон-џи“ во Мала станица

Второто издание на Фестивалот за јапонска култура „Нихон-џи“ ќе се реализира денес со почеток во 11 часот во Мала станица во Скопје и ќе трае цел ден. Уште побогата програма од ланското прво издание подготви неформалната организација Japan@mk за „Нихон-џи 2.0 – Неонски бранови“ овојпат, фокусирајќи се на мноштвото контрадикции кои ги содржи јапонската култура, а кои сепак симбиотично и беспрекорно функционираат заедно креирајќи одличен рецепт за успех.

Токму поради тоа, и ова издание ќе биде исполнето со содржини за сите вкусови на публиката, велат организаторите. Повеќе за програмата, на следниот ЛИНК.

Публиката ќе има можност да проследи презентации и работилници поврзани со традиционална и поп-култура и панели на сериозни општествени и филозофски теми, и технологија. Ќе следуваат забавни дебати предводени од членови на дебатниот клуб МОФ и квизови организирани од волонтерите на фестивалот за аниме љубителите. Особено атрактивен е и гејминг делот во чии рамки ќе се одржат два турнира, катче за друштвени игри и бројни други изненадувања.

Програмата на Нихон-џи 2.0 ќе биде дополнително збогатена со читање на хаику поезија на македонски хаику поети и музички настапи во живо на Елена Христова, музичкиот состав Maribosi и DJ сет на Andrea Hz.

Публиката ќе ужива во презентација на модни креации на познати современи македонски дизајнери и студенти на Факултутетот за мода и дизајн инспирирани од јапонска мода и традиционална облека.

Две простории во Мала станица ќе бидат облагородени и со две уметнички изложби, од кои во едната ќе бидат претставени дела од реномирани македонски уметници, а другата ќе прикаже дела на младите креативци кои се пријавија на отворениот повик.

Посетителите ќе имаат прилика да си понесат и нешто со себе од продажниот дел на фестивалот каде ќе бидат изложени изработки, книги, манга, облека инспирирани од јапонска култура. Уште едно специфично искуство на фестивалот е приликата да се дегустираат различна јапонска храна и пијалоци.

 

Сподели