Уличниот уметнички фестивал за живи статуи „Статуафест“, под мотото „Голема брзина на стоењето“ ќе се одржи вечерва и утревечер со почеток во 18.30 часот на ул. Македонија во Скопје. Седма година по ред артистите од „Театроск“ се инспирираат од различни настани од секојдневнието и ја избираат темата на фестивалот.
– Го избравме токму брзањето, затоа што живееме во време во кое безглавото брзање кон некаде/никаде стана рутина, односно стана наше секојдневие. Сосема непотребно чувство за сите нас. Од тие причини и целта на овогодинешниот фестивал за улични живи статуи „Статуафест“ е да му каже СТОП на овој непотребен синдром на живеење кој, непокането се всели во нашите животи и стана „Добро утро / Добар ден / Добровечер“ за речиси секој еден од нас. Сакаме суштински да ги замислиме нашите сограѓни, а и сите останати кои одблизу ќе го погледнат „Статуафест“ и да си постават прашање: колку навистина многу кон некаде брзаме? – велат организаторите.
Преку улични живи статуи поставени во најразлични актови, долж улица Македонија во центарот на Скопје, ќе ги замрзнеме во едно место речиси сите карактери на едно обично секојдневие за истите да можат одблизу да се видат себеси како во огледало и да се прашаат, дали навистина толку многу важно е да брзаме, и, како безглавото брзање навистина влијае на нашиот живот и на нашето здравје?
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Винарска визба „Тиквеш“.





