Кантите што живот значат

Тажно да имаш широк опус како талент, а да „бркаш“ хитови и туѓи вкусови – вели композиторот Сашко Костов

Пишува: Катерина Стефановска

Сашко Костов, мултиинструменталист кој води до кулминација на инспирацијата – музика која е тесно врзана за неговите влијанија и потекло. Со првото слушање, и покрај сложеноста на неговите композиции, тие допираат до публиката и не ја оставаат рамнодушна. Работејќи на музичката сцена од 1995 година, Сашко наоѓа место во индустријата, за фокусирање на неговата соло кариера, а воедно и компонирањето на музика за театарски претстави и филм.

Костов твори интригантен звук и во исто време останува верен на сопствените творечки стремежи. Посветен на својот занает и полн со еклектични идеи, овој уметник знае како се користи поетскиот стих за да ги разубави своите музички тонови и ритмови. Вокалите се неговото најмоќно оружје. Покрај работата во театар, филм и сопствена авторска музика, тој е близок соработник со Горан Трајкоски, Мугер Фугер, Ласт Експедишн, Electric Audrey група која е формирана во Турција, заедно со браќата Гокцел и Гоксен Ергене.

Овој пат си муабетиме за неговите две последни дела  врзани за Велешкиот театар каде и работи. Музика изведена во живо за претставите „Инферно“ и „Нема струја за електричниот стол“, режирани од Дејан Пројковски.

Во „Инферно“ видовме дека бевте фрлен во пеколот од кој излезе преку создавањето музика во живо. Имајќи ја предвид големината на „Инферно“ од една страна и постановката на дуодрамата „Нема струја за електричниот стол“, можете ли да направите споредба во процесот на создавање на двете претстави?

– Двата процеса беа во потполност различни. „Инферно“ е спектакл со предизвикувачка содржина во која два часа свирев во живо на сцената, музички отворав и затворав кругови и се возвивнував самиот себеси со моите гудала, вокали, инструменти од канти, ѕвона и тапани. Во „Нема струја за електричниот стол“ беше сосема поинакво, поинтимно. Одбрав да пеам во континуитет. Да создавам хор на лупер и со плехови и цевки да дополнувам звуци на срушен објект од земјотрес, со процедура егзекуција со елетрично столче… Одлична соработка е онаа во која режисерот знае дека си „пациент“ во позитивна смисла и ти остава потполна слобода да креираш… Со Пројковски токму тоа и се случи.

Дали во процесот на создавање на музика поинспиративен Ви е текстот или играта на актерите?

– Текстот е појдовната точка и инспирација за сите што сме вклучни во проектот, но би додал дека покрај текстот, најмногу се инспирирам од начинот на прочит и концептот на режисерот. Концепциските агли, слики и се она со што ќе се занимаваме сите вклучени во проектот. Во моето досегашно искуство се случувало генијален текст  со послаб режисерски концепт да помине многу полошо од просечен текст кој има поспремен режисерски концепт. А ние секогаш се инспирираме и си пулсираме со актерите во текот на целиот процес и изведбите.

Кои инструменти ги користите или замена за инструменти, кои произведуваат звуци?

– Во „Федра“, „Шумата на моето дрво“, „Медеја“, „Каде што китовите спијат“, „Инферно“ и „Нема струја за електричниот стол“ користев инструменти што сам ги изработив и имаат призвук на чело, контрабас, кемане, тибетански и црковни ѕвона, чинели, тапани. Користам драм падови,  клавијатури, пијано и пеам, а конкретно за „Инферно“, пеевме заедно со колешката Орхидеја Дукова со која направивме одлично музичко дуо кое продолжи да работи и во новата претстава „Лепа Ангелина“, чија премиера треба да се случи во Велешкиот театар.

Во „Нема струја за електричниот стол“, соничната естетика беше поинаква и тука преовладуваа вокалите. Употребував лупер, направив „вештачки“ хор кој се базираше на атмосферски и полиритмични пеења, користев големи метални цевки и плехови, кои висат во воздух и удирам по нив, две инфузии и канта од шпански маслинки. Би рекол дека тука повеќе се занимавав со саундтрак за филм и Foley art. Секогаш користам различни инструменти во театар, со нив музиката е секогаш поразлична од претходната претстава.

А за кантата шпански маслинки имам приказни со звучни магии и малку крв, а во театар се смееме дека таа е најпрошетаната канта во светот – од Бугарија, по цела Романија, па сè до Јужна Кореја.

Дали мислите дека со Вашата музика ги инспирирате актерите да го достигнат нивото кон кое се стремат?

– Може да звучи малку нескромно, но секогаш каде и да сум работел сум ги инспирирал и сум ги потпомогнал актерите да растат заедно со мојата музика… Но, тоа секако е на ниво на заемна инспирација, тие ми даваат мене, јас им давам ним… На почеток, го апсолвирам ритамот и темпото кое го имаат актерите, за потоа да почнам да се „лепам” на нив и да потполнувам нивни паузи, да играм со контраст, да раскршувам со предвремени музички подготовки, задоцнети реакции и последици, а притоа свесно држам на тоа дека музиката мора да работи во функција на претставата…

Постои ли разлика кога се создава музика за театарска претстава и кога се создава музика за душа?

– Постои. Во театар „бркам“ туѓи емоции, преживувам други животи, ја раскажувам нивната приказна, а воедно го наметнувам мојот музички сензибилитет внатре. Многу созреав како композитор во театар, тоа ми отвори сосема различни перцепции и поимање на музиката.

Во мојата музика за албум или „музика за душа“, како што велите, креирам сопствени приказни, без потреба од анализа на ликови, простор и време. Едноставно создавам моја нова галаксија и ја полнам со живот и тоа е мојот печат. Свирам, пеам за моите животни опкружувања и очекувања од себе и светот… Во принцип не сум музичар кој воопшто прави компромиси. По мене е тажно да имаш широк опус како талент, а да „бркаш“ хитови и туѓи вкусови.

Што Ве инспирира за создавање музика за театарска претстава и каква музика во моментов слушате?

– Најмногу ме инспирираат паметни режисери. Театар – магична кутија, која постојано ме врти и ме тера да создавам нови инструменти, да правам експерименти со звук и звучен дизајн. Да се полнам и празнам… Многу ме инспирира тишината, водата, ме инспирира пост драмски прочит, ме инспирира физички театар, современ танц, традишнл буто перформанс… Во моментов додека ги одговарам прашањава, слушам едно одлично британско трио GoGo Pinguin.

Дали постои музичар со кој мечтаете да соработувате?

– Има многу музичари со кои сакам да соработувам, но ако ме прашате за желба која ја имам, е да компонирам музика за долгометражен филм, тоа би ме докомплетирало како автор и композитор.

Сподели