Развојот на македонистиката во Риека мора да продолжи

Откако повеќе од 2.000 студенти минаа низ Лекторатот по македонски јазик во Риека, дел од енергијата мора да се насочи за да се развива интересот за македонистиката и кај новите генерации студенти, рече директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по низата активности со кои се чествуваа 15 години Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека.

– Лекторатот, со голема посветеност на лекторката, м-р Биљана Стојановска, постојано работи на развивање на предметните програми. По големиот интерес и постигнатите резултати со афирмацијата на македонистиката на Универзитетот во Риека, уште утре треба да започне новото поглавје на нејзиниот развој. И уверена сум дека тоа ќе се случи – рече Мојсова-Чепишевска.

Повеќе работни состаноци се одржаа меѓу колеги од УКИМ и Универзитетот во Риека. На чествувањето учествуваше и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој оствари работна средба и со ректорката на Универзитетот во Риека, проф. д-р Сњажана Пријиќ-Самаржија. Тие разговарале за заеднички научноистражувачки проекти, книжевни преводи, вмрежување со други институции итн.

Мојсова-Чепишевска нагчаси дека онака како што Лекторатот по македонски јазик во Риека се изгради врз темелите поставени со наставата по македонистика започната на риечкиот Педагошки факултет пред повеќе од четири децении, така и новото поглавје на неговиот развој треба да претставува континуитет на остварувањата од изминатите петнаесет години кои се многубројни.
– Секоја идеја што ја инициравме деновиве е резултат и на размислување за она што треба да биде стварност на овој Лекторат и на македонистиката во Риека и воопшто во Хрватска во следните петнаесет години – вели таа.

Покрај образовната, лекторатите по македонски јазик имаат и неформална, но клучна дипломатска функција. Од клучна важност е подготвеноста на македонската заедница во Риека за натамошна соработка со Лекторатот, со заеднички иницијативи и активности, преку кои македонскиот јазик, литература и култура се афирмираат и надвор од вообичаениот академски простор. Вакви активности се остваруваа и во годините наназад, но клучно е што тоа ќе продолжи со изнаоѓање и на нови форми на афирмација на македонскиот збор и мисла во хрватската културна средина, за што поконкретно е разговарано и изминативе денови.
– Неопходна ќе е и поддршка од други институции, но се надеваме дека таа нема да изостане. Клучно е што двата универзитета се решени да ги поддржуваат ваквите активности – вели Мојсова-Чепишевска.

УКИМ и Универзитетот во Риека имаат одлична соработка, а во тие рамки е отворањето на Центарот за напреднати студии во Скопје, кој ќе стане дел од Регионалната мрежа на центри за напреднати студии. Мојсова-Чепишевска ја нагласува и добрата соработка со македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, со чија поддршка се организираше чествувањето на јубилејот во Риека. Таа очекува соработката да продолжи и со натамошни заеднички заложби и активности, не само во Риека, туку и воопшто во Хрватска, имајќи предвид дека македонистиката била и е присутна и на други универзитетски центри, вклучително и на Универзитетот во Загреб.
– Соработката може да биде насочена и воопшто кон афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во хрватската културна средина со активна вклученост и на Лекторатот по македонски јазик во Риека – рече таа.

Чествувањето на јубилејот започна со промоција на монографијата „Со поглед кон Европа“, која содржи дваесет текста од исто толку автори – за остварувањата за македонистиката во Риека од 2008 година наваму. Оваа монографија е прва која е посветена на лекторат по македонски јазик на странски универзитет, а при нејзиното промовирање беше посочено дека дејноста на Лекторатот по македонски јазик во Риека е најпрепознатлива и со најзабрзан развој на тамошниот Филозофски факултет.

Во рамките на чествувањето на јубилејот беше отворена и изложба на фотографии од Македонија и се одржа промоција на прв превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик зад која стојат студенти по македонистика во Риека под ментортво на лекторката м-р Биљана Стојановска, која и го иницираше и осмисли изданието. Беше претставена и македонската музика, со избор песни во хорска изведба, а беше организирана и дегустација на македонски традиционални специјалитети. Јубилејот беше одбележан и на свечената седница на Наставно-научниот совет со која се чествуваше 25-годишнината од основањето на риечкиот Филозофски факултет.

Сподели