И по 50 години прашања што провоцираат: Премиерно изведена „Кафез кај кокони“ во Драмски

На текст на францускиот автор Жан Пуаре во режија на Димче Николовски, синоќа во Драмски театар во Скопје премиерно беше изведена претставата „Кафез кај кокони“. Француската фарса била праизведена во февруари 1973 година во Париз. Според критичарката Александра Бошковска, претстават мајсторски конструирана ја освојува публиката на прв поглед и доживува повечќе од 2.000 репризи.

– Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет – пишува Бошковска.

Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата на Драмски сака да прикаже дека педесет години потоа, овие прашања се сè уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост.

Сценографијата е на Димче Николовски и Благоја Бошковски Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати-Кери. Преводот е на Радмила Јорданова и Благоја Бошковски-Буцко, адапатација на Александра Бошковска и Благоја Бошковски Буцко кои го направија и изборот на музика.

Улогите ги толкуваат: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и во улогата на Саломе – Бранко Атанасов. Претставата не се препорачува на лица помлади од 18 години.

Сподели