Во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена првата самостојна изложба на Филип Мартиновски. Тој е студент во прва година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на класата Ликовна педагогија.
Средношколското образование го завршил во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје, на Одделот за сликарски дизајн. Матурирал со проектна задача на тема „Соништа“, а најголемиот дел од делата на оваа изложба се сочинети во завршната година од средношколското образование.
Со свое дело дебитантски учествувал на колективната изложба посветена на односот „сликарство-поезија“ во рамките на првото издание на Скопскиот поетски фестивал во 2021 година, како и на хуманитарна изложба во 2023 година, а и двете први претставувања во јавноста на овој млад ликовен автор се во МКЦ. Изложбата ќе трае до 25 мај.
Според Горјан Ѓорѓиев, Филип Мартиновски е автор кој е искрен во својот приод и нема да потклекне на маниристичките притисоци што го налага новото општество и тенденцијата на приклонување кон масовната култура, која се заснова на површна идеја за уметност која нема вистинска суштина.
– Необичната приказна за сликарството на Филип Мартиновски се усредоточува врз обработка на пунктови кои ги објаснуваат феноменолошките случувања во неговиот живот, хронолошки сублимирани во пиктурално алиби за личен авторски идентитет.
Се надевам, чувствувам, а и имам некаква лична сигурност, дека овој текст, кој е прв напишан во однос на Филиповото сликарство, по многу години, во едно сосема друговреме на естетика и квалитативно вреднување, ќе ги оправда моите пласирани зборови, а Филип Мартиновски ќе биде сè уште свој на своето – вели Ѓорѓиев.





