Дела на Владимир Георгиевски вечерва во Гевгелија

Во Ликовната галерија Амам во Гевгелија, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела мал формат од Владимир Георгиевски. Изложбата е дел од соработката помеѓу Музеј од Гевгелија во соработка со Музеј на град Скопјe преку Museum Link 2023.

Владимир Георгиевски (1942–2017) е еден од најзначајните македонски уметници. Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики, пишува  историчарот на уметноста Емил Алексиев.

Во неговиот осврт тој вели:

Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма. Творештвото на Георгиевски се опира на сите обиди да се класифицира и систематизира. Пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата. Најголем дел од делата се недатирани, еден ист мотив е работен повеќе пати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники, сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели…

Неговото творештво е како животот, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту пак води сметка за модните трендови и вкусот на неговите современици.
Тој е во потрага по загубената духовност во свет кој одамна им се препуштил на површните задоволства и робувањето на телото и на телесноста. Наспроти модните стилови, трендови, наспроти лажниот мистицизам, комерцијализацијата, идолатрија и фетишизам на уметничкото дело; наспроти предрасудите, наметнатите безначајни теми, тривијалноста науметноста, позерството, манипулациите со публика, наспроти уметноста разбрана како фриволна игра или забава за народот, уметноста како дневна политика, уметноста со тенденција, уметноста во функција на идеологијата, како оправдување на постојниот општествен дискурс, како пропаганда, како одраз на една замислена стварност, како проекција на таа стварност, како панаѓурска измама или како илузионистичка претстава – тој се враќа кон уметноста која е во функција на откривањето на вистината.

Сподели