Конференција „Италијанскиот јазик: еден јазик, многу можности“

Националната конференција за италијански јазик под наслов „Италијанскиот јазик: еден јазик, многу можности“ ќе се одржи денеска со почеток во 9.30 часот во тркалезната сала на Ректоратот на УКИМ во Скопје.

Конференцијата ќе ја отворат рекоторот на УКИМ и министрите за образование и за култура, заедно со Амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри. Во трите панели ќе земат учество со свои излагања бројни истакнати претставници на образовните и културните институции, на општините и локалните заедници, како и познавачи и љубители на италијанскиот јазик од повеќе професионални области.

Конференцијата има за цел да направи пресек на состојбите во наставата по италијански јазик во Македонија, пет години по официјалното воведување на италијанскиот јазик како втор задолжителен странски јазик во програмата за основните и средните училишта во земјава. Конференцијата ќе се осврне и на бројните можности кои познавањето на италијанскиот јазик ги нуди на професионален, културен и академски план, како во земјата, така и во странство.

Настанот ќе се одвива на италијански и македонски јазик, со симултано толкување.

Сподели