Актерот кому публиката му верува

По повод пензионирањето на Горан Илиќ, актерот на Кумановскиот театар, кој на 4 мај ја одигра својата последна премиера – претставата „За кого бијат камбаните“ во режија на Мартин Кочовски

Пишува: Трајче Кацаров

Беше тоа пред триесетина години. По звршувањето на премиерната изведба на претставата „Лазаревото писмо“ во режија на Љубиша Георгиевски, заедно со критичарот Иван Ивановски излеговме во холот на Народниот театар во Куманово. Потпрени на еден од радијаторите, пушејќи цигари, Иван Ивановски ми рече: „Додека го гледав Горан Илиќ во улогата на полицаецот Крстаноски, сè повеќе и повеќе ја крепам мислата дека во македонскиот театар се роди новиот Драги Костовски.

Оттогаш, па сè до денешни дни, на актерот Илиќ не гледам на друг начин. А причина за тоа се неговите бравурозни актерски креации. Неговите говорни партитури секогаш се чујни и разбирливи. Присуството на сцената не го исполнува само со физичкиот израз, туку и со душевниот. Разумно ги распоредува карактерните особености на ликот, то ест, знае низ речта и движењето да ја еманира доминантната карактерна особеност – онаа што е потребна за функцијата на ликот.

Кај Горан Илиќ можеме да регистрираме повеќе актерски ентитети. Тој покрај тоа што може да се снајде во преносот на ликовите од апсурдната драматургија, каде еден збор, именка заменува опширни реченици, може да биде драмски актер, но и актер раскажувач. Доста духовито раскажува за настани на кои бил присутен во театарскиот и секојдневниот живот.

Разговорот со него секогаш ми бил провокативен, дури и тогаш кога ме убедуваше дека е добро по врел асфалтен пат да се оди бос. Плускавиците што ги добивме врз табаните, јасно говореа дека Кинезите се секогаш во право.

Горан Илиќ е и ќе остане актерот кому публиката му верува.

фото: Јутјуб

Сподели