Во бифето „Тафталиџе“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на графики од Виктор Семенпеев. Тој ќе се претстави со дела работени во последниот период.
Семенпеев е визуелен автор кој се изразува во стилските особености на графика. Неговите ликовни намери се пресликуваат од рефлективна во конкретна состојба на видливото и можното дејствување. Елементите на очигледното во уметничката интерпретација се намерно или целосно отфрлени, а со тоа создава еден модерен и пост-концептуален стилски компонент на графичкиот израз. Низ емпириско спознавање го конструира стилскиот концепт, а со тоа имплементира целосно субјективниот израз во ликовна посебност со силно акцентиран печат на нов визуелен јазик.
Во дел од ликовните дела на Семенпеев е исклучена наративната состојба, која е целосна присутна во појдовниот импулс за креирање, и на ваков начин го надминува воспоставениот код на графичкиот израз во стилска композиција како архетип на препознавање. Исполнетата плоха е само илузија на видлива целост, која истовремено е негирана од ахроматски тоналитет, каде намерно се исклучени својства на воспоставени ликовни елементи.
Семенпеев е роден 1987 година во Богданци. Дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Нови Сад.





