Премиера нa „Лејди Магбет“ во кореографија на Рисима Рисимкин

На сцената на Македонскиот народен театар вечерва во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Лејди Магбет“, најновото кореографско остварување на Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар. Во насловната улога како Лејди Магбет настапува Анастасија Данчевска, а во улогата на Магбет – Дејан Битровски.

Музиката за претставата ја направи композиторот Тони Китановски, сценографијата е на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски. Вештерка или алтер его на Лејди Магбет е Бобан Русески, Вештерка или алтер его на Магбет е Сара Цветковска. Во улогите на Вештерки настапуваат Моника Шолевска, Клара Христовска, Стефани Шааршмит, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова и Ангела Петревска, од Катедрата за танц при универзитетот „Гоце Делечв“. Асистент-репетитор на претставата е Адријана Данчевска.

„Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин се бави со психолошкиот профил на насловниот лик. Тоа е интимна историја, без наративна приказна, слики и скици за дилемите на постоењето.

Претставата е селектирана на престижниот „Шекспир фринге фестивал“ во Верона Италија, каде на 29 август годинава, ќе ја има својата светска премиера во „Театро Камплој“. Во меѓувреме, „Лејди Магбет“ е веќе поканета да гостува на сцените на повеќе театри и фестивали низ земјава.

Рисима Рисимкин е една од водечките кореографки во земјава и деканка на Филмската академија и Катедерата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Во 2022 година, таа имаше историско гостување и претставување на Скопје танцовиот театар на една од најзначаните светски сцени, Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, каде критиката ја оцени нејзината претстава „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ како брилијантна. Рисимкин со свои кореографии, меѓу другото настапува на фестивали и театарски сцени во Њујорк, САД, Хаг, Амастердам и Ротердам, Холандија, Пекинг и Чуанџо, Кина, Лондон, Велика Британија, како и на фестивали и театри низ регионов и во земјава. Рисимкин е оснивач на „Танц фест“ и Скопје танцовиот театар и во изминативе триесетина и повеќе години ја развива домашната современа танцова сцена. Таа е основач на првата наставна програма за современ танц на универзитетско ниво, која ја оформува во соработка со КОДАРТС универзитетот од Холандија и преку која создава нови современи танчери и кореографи кај нас, кои ги пласира на домашната и странска сцена преку продукциите на Интерарт културниот центар, кој од 2019 година го води Матеа Мијановиќ.

Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин, како оснивач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата настапува на фестивали низ целиот свет, за што добива одлични критики и е препознаен како високо квалитетна компанија на светско ниво.

„Танц фест“ – Скопје е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, Виталија, Бовин и мeдиумските партнери.

Сподели