Актерката Камка Тоциновски, костимографката Емилија Ивановска-Атанасовска и филмскиот работник Драги Јанчев-Црни ги добија почесните награди „Златна рамка“ на 5. издание на филмската ревија посветена на прегледот на годишната продукција на македонските филмови, што ги доделува Друштвото на филмски работници на Македонија.
„Со повеќе од 20 улоги во македонските долгометражни и краткометражни филмови, особено впечатлива и актуелна во последниве десетина години во улогата на храбри женски ликови што ги видовме на големото платно, Камка Тоциновски е несомнено актерка од чиј силен глумачки потенцијал ќе видиме уште многу извонредни улоги во домашната кинематографија“, велат од ДФРМ.
Дипломирала на ФДУ на отсекот актерска игра во 2001 година. Грижливо ги гради улогите на театарската сцена, и речиси истовремено дебитира на филмското платно. Публиката ја памети во улогите на мајката на Јан во „Превртено“ и колешката на Кети во „Хомо“ на Игор Иванов Изи, Нина во „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, Дара во „До Балчак“ на Столе Попов“, Катерина во „Врба“ на Милчо Манчевски, Јоана во „Нема да бидеш сама“ на Горан Столевски и многу други.
Во биографијата на Емилија Ивановска-Атанасовска е впишана работата на бројни филмски проекти и филмски серии. Препознатлив печат на нејзината работа е голема посветеност кон дизајнот на костимите, со детално истражување кон карактерите, времето во кое се случува приказната и воопшто комплетно оформување, и голем влог во сеопштиот дизајн на филмското дело со што остава видлива трага и придонес кон македонската кинематографија.
Меѓу најпознатите филмови на кои работела се вброени: долгометражните „Три дена во септември“ на Дарјан Пејовски, „До Балчак“ на Столе Попов, краткометражните „Црвената соба“ и „Роденден“ на Косара Митиќ, „Секој ден мора да се јаде“ на Марко Џоковиќ, потоа сериите „Црвениот поет“, „Збогум Румелија“, „Преспав“, како и бројни комерцијални видео реклами.
„Сложениот технички механизам во создавање на филмот не би функционирал без потребната електрична поддршка. Во оваа работа клучен е секторот светло, во кој електричарот е задолжен за поставување и нагодување на опремата за осветлување, како и за снабдување на електрична енергија на сет по потреба. Тој е во тесна соработка со осветлителот и мајсторот на светло“ велат од ДФРМ.
Драги Јанчев-Црни како електричар посветено работи повеќе од три децении на сетови на македонски филмови и неговите ангажмани значат „сигурност“ за процесот на продукција.





