Вкупно 94 дела од вредната колекција на нашиот музеј ќе влезат во дијалог со делата на современи уметници на изложбата насловена „Ниту едно чувство не е конечно – Скопска колекција на солидарноста“ која ќе биде отворена до 28 јануари
Големо претставување на уметничката колекцијата на нашиот Музеј на современата уметност во престижната „Кунстхале“ во Виена почнува вечерва. Вкупно 94 дела од вредната колекција на нашиот музеј ќе влезат во дијалог со делата на современи уметници на изложбата насловена „Ниту едно чувство не е конечно – Скопска колекција на солидарноста“ која ќе биде отворена до 28 јануари. Дел од изложбата ќе содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ. Делата од нашата колекција ќе бидат изложени заедно со делата на Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), Барби Марковиќ и Елфи Семотан (Виена) и уметничкото дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје).

Делото од Пабло Пикасо
– За првпат, во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на МСУ. Ова големо претставување е резултат на соработката помеѓу двете уметнички институции. Изложбата е курирана од уметничките директори на Кунстхале Виена, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ) – велат од МСУ.
Кураторките поканиле четири меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добие задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела меѓу кои: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов и други.

Според Мира Гаќина, директорка на МСУ, соработката со Кунстхале Виена е досега најкомплексниот проект за МСУ.
– Оваа сложена операција нè охрабрува да планираме уште поамбициозни проекти и соработка со други партнерски институции низ Европа – вели Гаќина.
Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно го поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје, покрај големата материјална штета и многуте човечки жртви, Обединетите нации и Меѓународната асоцијација на уметници, сметаа дека и културата е клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани. Затоа, иницираа повик до светски познатите уметници да донираат дела. Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност.

Кристина Иваноска и Јане Чаловски
Дел од изложбата ќе содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје. На изложбата ќе бидат претставени и 5 архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков.





