Нежни како свила, силни како челик

Пишува: Љубица Ангелкова

Нежно како свила, силни како челик – стилот кој го донесе „Далас блек денс тиатр“ (Dalas Black Dance Theatre) со своите дванаесетмина спектакуларни танчери на сцената на „Танц фест“, само така може да се опише. Основани во далечната 1976 година од Ен Вилијамс, со цел да создадат современ танц на највисоко уметничко ниво, преку претстави и едукативни програми кои ги премостуваат културите и допираат до различни заедници. Стилот кој овој состав го усоврши со текот на годините е непогрешлив. Свилена координација на телото, брановидни промени на кожата, експресивна употреба на грбот, раце кои допираат и навистина чувствуваат, импулси кои започнуваат овде, но го наоѓаат патот таму, и таму… длабока чувствителност на музиката во комбинација со интелигентен одговор на „текстовите”… мала наклонетост кон меланхолија, за потоа да се енергизира танцовиот концепт со експлозивна сценска енергија.

„Далас блек денс тиатр“ има начин да ги разоткрие своите танчери без да ги лиши од таа убава доза на мистерија, а и ладнокрвност, без оглед на темпераментот што го имаат во вените. Тие градат атмосфера на интимност, но исто така знаат мудро да чуваат асови во резерва.
Низ вечерта во која се презентираше „Забрзување и Вознесувања“ како што гласи насловот на нивниот избран репертоар, пет извонредни кореографии го одземаа здивот на Darrell Grand Moultrie, Gregory Dolbashian & My’Kal Stromile.
Тој сет од пет кореографии беше совршено избран. Доволно различен за да создаде разновидност и контраст, но исто така со намера да сподели чувство за одредена цел и сериозност. Сите пет кореографии, иако различни беа дел од еден континиум. Резултатот беше визуелен спектакл претставен како една хармонична целина, која ја изведува телото, но и духот.

Тоа е таа калиграфија на движењата, но и експресија на тага и болка, како и на радост и убавина. Танц низ транс, претставен низ сензуални мемории во кои доминираат тие свилени движења на телата силни како челик.

Овој танцов театар е познат глобално по таа пулсирачка суштина која ја нуди на сцената. Моќта да придвижува група на танчери, како да се еден организам. DBDT е човечки танцов енергетски бран, што ја зафаќа сцената и пулсира на неа. Атмосферата која ја наметнуваат со својот настап е екстатична, игра на лица и сенки, раце кои го разделуваат воздухот пред нив, танцов театар кој има свој балетски јазик на движење, кој не се базира на род, има рационални движења, издигнати прсти, свиткани зглобови, истегнати линии, малку акробатика, интересен стил на партнерство на сцената што станува нивна карактеристика со која го збогатуваат современиот балет. Овој ансамбл е цел, сам по себеси.
Автентична естетика, гестикулација со повисоко значење, надвор од клишеата за стандардни идеи во соврмениот балет.

„Танц фест“ со настапот на Dalas Black Dance Theatre само е доказ колку високо е наместена летвата на критерум, кој сé заслужува настап на овој извонреден фестивал. Чувството кое го имате како публика на „Танц фест’, е посебно. Вие знаете дека сте тука, на еден настан кој ужива глобална слава. Како што завесите полека се раздвојуваат, сведоци сте на сцената која оживува со убавината и флуидноста на човечката форма во движење. Деликатните видови на современа партитура го исполнуваат воздухот, додека танчерите, облечени најчесто во минималистички костими, стануваат центар на вниманието. Ова е модерен балет, уметничка форма која го одзема здивот која беспрекорно ги спојува класичната техника и убавината на традиционалниот балет со смелите иновации и авангардниот сензибилитет на модерната ера.

Да се биде на „Танц фест“ е чест. Фестивал кој ја фаворизира современата естетика која зборува за уметничка експресија, на едно сосем идно време. Овде, светската класа на танчери ги поместува границите на движењето и емоциите, истражувајќи ги темите и безвременски и актуелни преку нивната извонредна способност. Тие пред очите на пасионираната публика создаваат прецизна уметност што не е ништо помалку од стравопочит. Секој чекор на гостувачките танцови театри е доказ за моќта на човечкото тело и дух.

Со секое движење, модерниот балет раскажува приказна, пренесувајќи ја длабочината и сложеноста на човечкото искуство на начин што ги надминува јазикот и културата. Тоа е славење на убавината и на страста, вистинско ремек-дело меѓу изведувачките уметности.

Со нетрпение ги очекувам последните настани од агендата, распослана со мали паузи низ месецот април, за да го заокружам овој магичен свет, каде што секој гест е уметничко дело.

фотографии: Драган Перковски

Сподели