Во скопското кино „Милениум“ вечерва во 20 часот премиерно ќе биде прикажан првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески, „Јанѕа“. Сценариото и режијата се на документаристот Никола Т. Калајџиски, а е работен според мотиви од делото „Дневник по многу години“ на Конески. Продукцијата е на „Контраст филм“, а продуцент – Златко Димески.
Филмот е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески.
– Значење на делото на Конески за македонската култура и наука, и воопшто за нашата држава е претставено преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници/истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци – велат од „Контраст филм“.
Монтажата на филмот е на Аристид Филактов, музиката е на Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Директори на фотографија се Дејан Димески и Петар Кочишки. Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм.





