Петто издание на наградуваниот „Резервен живот“ од Лидија Димковска

Деновиве од печат излезе петото издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска, еден од најуспешните и најпреведувани романи во македонската книжевност. По објавувањето во 2012 година, веќе следната година романот ги доби наградите „Стале Попов“ на ДПМ и Европската награда за литература на ЕУ по што романот е преведен на 11 јазици; англиски, германски, италијански, унгарски, чешки, романски, албански, бугарски, словенечки, хрватски и на српски. Изданието е на „Или-Или“.

Романот, со гостување на авторката, е претставен во повеќе градови во САД, како и во Европа и добива одлични рецензии и убав прием од читателите.

Славната хрватска писателка Дубравка Угрешиќ, ќе напише за романот:

„Лидија Димковска го збогатува современиот музеј на книжевни чуда со силни, впечатливи, гротескни, ексцентрични детали и епизоди раскажани во старата добра традиција на романот.“

И српскиот писател и книжевен критичар, Ненад Шапоња, по објавувањето на српското издание не ги штеди пофалбите за „Резервен живот“:

„’Резервен живот’ спаѓа во најдобрите романи напишани не само во Македонија, туку и на просторите на цела поранешна Југославија во 21 век. Раскажувачкото мајсторство на авторката го остава читателот без здив додека пред нас се нижат години во кои се издигнуваат и се распаѓаат личните животи на јунаците, како и земјата во којашто живееле.“

За романот „Резервен живот“ се пишува и во реномираните книжевни списанија:

„Злата и Сребра, сијамски близначки со споени глави, се неверојатни ликови од извонредниот роман на македонската писателка Лидија Димковска.“ (Лори Фитерс, „Ворлд литерчр тудеј“)

„’Резервен живот’ на македонската авторка Лидија Димковска е мој роман-откритие за оваа година. Нема да се двоумам да го споредам со Толстој и неговата ‘Ана Каренина’ – според мерилото на раскажување, според сондирањето на длабочините на душата и според тивката понизност пред трагедијата пред која повремено го спуштаме погледот од страницата и го упатуваме некаде низ прозорецот…“ (Маргарита Бојчева, „Дело“)

„’Резервен живот’ е ретко проникливо дело – и политичко и лично – и со своето маестрално писмо и епскиот дострел со сигурност ќе се втемели како трајно дело во светската книжевност.“ (Наташа Гилмор, „Форворд ривју“)

„Калеидоскопски роман со големо срце.“ („Паблишерс викли“)

Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Објавила седум поетски збирки: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009), „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021); три романи: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016); американскиот дневник „Отаде Л“. (2018) и збирката раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), преведени на бројни јазици.

Ги добила наградата за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската поетска награда „Наим Фрашери“, наградата „Браќа Миладиновци“ и други. Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“. Уредила четири антологии. Учествувала на голем број меѓународни книжевни средби, читања и резиденции низ светот.

Сподели