Дуодрамата „Емигранти“ – со многу ентузијазам на мала екипа – до премиера во Драмски

Да се престојува во подрумот, во сутеренот на животот… Да се биде заробеник на мечтите, илузиите, соништата, погрешно поставените тези. Да се слуша животот преку канализационите цевки и вентилационите отвори, тоа се, „Емигрантите“ на полскиот драматург Мрожек – вели режисерката Зоја Бузалковска, чија претстава ќе биде премиерно изведена на сцената на Драмски в сабота на 18 март во 20 часот. Во дуодрамата играат Дамјан Цветановски и Григор Јовановски, кои ја почнале приказната за оваа претстава барајќи сцена каде да ја играат, а првично била проект на КСП Центар Јадро.

Екипата во која е вклучен и сценографот Мартин Манев е благодарна што Драмски им отвори врати и што претставата ќе живее на големата сцена на овој театар. Новата в.д директорка Маја Вељковиќ-Пановска го сподели задоволството за оваа соработка. Таа била во советот на Драмски театар кој бил поканет да ја изгледа претставата на сцена во МКЦ. Вељковиќ-Пановска на прес-конференцијата истакна дека токму и првата „Емигранти“ чија премиера била на 20 март 1992 година во режија на Владо Цветановски.

Првичната идеја е на актерот Дамјан Цветановски, кој сакал да соработува со неговиот колега Григор Јовановски и имал потреба на некој начин да ја продолжи приказната на „Емигранти“ на неговиот татко Владо Цветановски. Но, вели, ова е нова, наша „Емигранти“.

Григор Јовановски признава дека претставата му се случила во многу интересен период од животот кога во суштина бил привремено вратен од странство или бил емигрант во обид.
– Тогаш го сретнав Дамјан кој почна да ме убедува, ај дојди си ќе правиме театар, ќе работиме и ете, се случи „Емигранти“. Сакам оваа претстава да ја видат што повеќе млади луѓе, за нив е најважна. Ние се обидуваме да направиме подобро општество со нашата работа – вели Јовановски.

Бузалковска во текст по повод претставата наведува дека станува збор за брилијантнен трагикомичен текст на секогаш актуелниот Мрожек, точен и болен до коска – се лепи како магнет за секоја пукнатина во надежите, за секое изневерено очекување, за секој изгубен правец, за секој распад на општеството, на личноста.

Текстот на Мрожек посочува таа, е извонредна провокација за еден веќе искусен режисер и двајца бескрајно надарени млади актери кои ги играат Дамјан и Григор.

–Брутално реалистичната приказна би можела да биде и нејзина и нивна, истовремено. Нејзина, посочува, онаа на заточеничка во својата возраст, во своите позиции во општеството во длабока криза, во своите длабоко пуштени корени тука, во својата потреба од конечна валоризација на еден живот посветен на други, ама на некое друго место и нивната, онаа на луѓе на стартот на своите надежи и идеали, а веќе изморени од животот во општество кое тврди дека некаде оди со јасна визија каде, а всушност стои во место, откако се родиле па сè до денес, наведува таа.

Чест ми е да работам со овие актери и се радувам на нивниот ентузијазам и желба за работа. За претставата добивјме 2200 евра и сакав да ги поканам од комисиите во Министерство да дојдат на ФДУ да им предаваат на студентите како се прави претстава за толкави пари.
Претставата е за луѓе што сакаат да емигрираат, што се прашуваат дали да заминат, а и од кои причини останале, како ние на пример што сме останале и правиме претстава и спремаме премиерa, ве.

Манев истакана дека во мкд театар и на независната сцена се веќе научени да се снаоѓаат цело време.

Пикнати во една импровизирана соба во сутеренот на една зграда во голем европски град, двајцата емигранти АА (Дамјан Цветановски), интелектуалец со политичка предисторија и ХХ (Григор Јовановски), простодушен човек од село, физички работник, се сокриле од светот, заринкани во сопствените стравови, комплекси, наталожени сеќавања, проекции за самите себеси и претпоставки за себе како туѓи проекции, очекувања што не смеат да ги изневерат.

Претстава – пресек на едно општество во распад. Општество на изгубени души, ќе наведе Бузалковска за „Емигранти“.

Покрај режијата, Бузалковска го направи и изборот на музика за претставата. Сценскиот дизајн и изведбата на сценографија е на Мартин Манев како и дизајнот на светло. Извршна продукција, дизајн на плакат и дизајн на звук е на Павле Игновски.

Сподели