КСП „Центар Јадро“ поддржува автори што сакаат да создаваат аудиопоткаст

KСП „Центар Јадро“ во рамки на проектот „Артс хаб“ отвора јавен повик за поддршка на автори во создавање авторски аудиопоткаст. На повикот ќе се одберат 5 апликации кои меѓудругото ќе добијат и поединечен хонорар од 8000 денари бруто износ. Секој(а) што сака да го пренесе своето знаење, страста за своето хоби, алармот за одредени состојби и критика на делата од омилените автор(к)и, е добредојден(а) да се пријави на повикот.

Темите се екологија и заштита на животна средина; ментално здравје; јавни простори и архитектура; критика или анализа на современи дела од областа на културата (театар, книжевност, музика, филм итн).

KСП „Центар Јадро“ ќе обезбеди техничка опрема и простор при снимањето, менторство и помош во осмислувањето на разговорот, промовирање на епизодите на нашите социјални мрежи и краток курс од 5 часа за снимање и постпродукција на поткаст кој ќе го одржи Младен Павлески од BPM Streaming.

Вашата обврска ќе биде да ја спремате содржината на поткастот, контакт со евентуални гости и водење на поткастот. Поткастот може да го водите во тандем со уште една личност. Поткастот треба да трае минимум 30 минути.

За пријавување потребно е да испратите мејл на centar.jadro@gmail co назнака „Поткаст на Центар-Јадро“ во кој ќе наведете:

концепт за поткастот (до пола страна);
ваше кратко био;
претходно искуство со овој или сличен медиум;
дали ќе имате гости на поткастот и кои би биле тие;
колку епизоди планирате (минимум две, максимум четири, со можност за продолжување доколку има ентузијазам од страна на автор(к)ите);
дали ќе водите соло или со уште некој(а).

Краен рок за испраќање на апликациите е 19 март. Добиените апликации ќе бидат оценети од страна на тимот на КСП Центар-Јадро, а информациите за избраните автор(к)и на поткастите ќе бидат објавени најдоцна до 22 март.

Овој проект се реализира со финансиска поддршка на Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ).

Сподели