Македонскиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја одушеви публиката на 51. ФЕСТ во Белград. Филмот предизвика големо внимание и пред закажаната премиера, со распродадени влезници во рекорден рок. Филмот во Белград го промовираа актерите Сара Климоска, Александар Микиќ, Филип Трајковиќ и Ана Стојановска. Покрај Камка Тоциновска и Симон Спировски, тие ги играат главните јунаци и соседи во филмот преплетени во два љубовни триаголници.

– Приказната истовремено е и страшно болна и смешна. Сите ликови се соочени со многу интересни внатрешни животи иако тие наизглед се само обични луѓе – изјави Стојановска.
Ова е филм за трагање по лична слобода, за љубовта и се она што луѓето се подготвени да го направат во име на љубовта, велат актерите.
„Кајмак“ ќе почне да се прикажува во српските киносали од април.






