29 авторки застапени на изложбата „Фем (м) Арт“ во Куманово

Во Уметничката галерија во Куманово е отворена изложбата „Фем (м) Арт“ која за прв пат се организира во чест на Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Изложбата опфаќа дела од реномирани жени – авторки, кои оставиле силен печат на македонската ликовна сцена, но и помлади авторки кои се во процес на градење на својата ликовна кариера. Делата се избор од ликовниот фонд на Музејот, кои хронолошки опфаќаат широк временски распон од 70-тите години на 20 век, па сè до 2021 година.

– Станува збор за 29 селектирани авторки кои хронолошки припаѓаат на различни генерации. Делата ги носат белезите на сопствениот ликовен јазик на авторките, но и ликовните тенденции од тоа време. Ова е ретка можност посетителите да видат творештвото на реномирани авторки кои се дел од антологијата на македонската уметничка сцена, но и дела од помлади уметници кои го градат својот пат – истакна Драгана Спасковска, виш кустос, историчарка на уметноста во Музејот во Куманово.

На изложбата се застапени дела од: Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Симонида Филипова Китановска, Жанета Гелевска, Микица Трујкановиќ, Тања Балаќ, Гордана Даутовска, Кристина Божурска, Марина Цветановска Мартиновска, Лилјана Кекеновска Пауновска, Маријета Сидовски, Мирјана Крстева Массетти, Андријана Мациев, Марија Марковска, Анка Столковска, Маргарита Аврамовска, Ивана Тушевска, Валентина Илијевска, Тања Соларска Темелковски, Ангелина Поповска, Наташа Серафимовска, Мирослава Цветковиќ, Бисера Младеновска, Кристина Хаџиева, Марија Мицова Гацова, Мила Трендафиловска, Ивана Настески, Симона Јакимовска и Марија Трајаноска.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на месецов.

Сподели