Омаж на феноменалната сестраност на Димче Коцо во Чифте амам

Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во 20 век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста

Речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на историчарот на уметност и ликовен уметник Димче Коцо ќе бидат изложени вечерва во 20 часот во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Омажот се отвора по повод 110 години од неговото раѓање. Изложбата ја подготвија Славица Алексоска, Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, виши кустоси во Националната галерија на Македонија.

– Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во 20 век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. Учествувал во основањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметност, градењето на нови генерации историчари на уметност, создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови. Имал богата општествена активност и оставил зад себе богато и вредно сликарско и скулпторско творештво – велат од Националната галерија.

Роден е на 10 октомври 1910 година во Охрид. Извесно време го посетувал Уметничкото резбарско школо во Охрид. Истовремено почнал да го посетува уметничкото занаетчиско училиште во Белград и да студира Историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград, каде дипломирал во 1936 година. Учествувал во Народноослободителната борба и комесар на Охридската бригада. По завршувањето на војната, се вратил во Скопје каде веќе од декември 1944 година, почнал да работи на формирање на првиот македонски Народен музеј во Скопје, основан 1945 година и бил негов прв директор.

Истовремено тој е еден од основоположниците на Филозофскиот факултет во Скопје. Како еден од малобројните професори почнал да предава, бил прв шеф на катедрата на Институтот за историја на уметност и декан на Филозофскиот факултет во 1950/1951 и 1957/58 г.
Бил директор и на Археолошки музеј во 1952 година, од кога датираат почетоците на големите истражувачки зафати во Стоби, Чепигово, Демир Капија и Радолишта.

– Неговата научна дејост била призната и во меѓународни рамки. Во 1955 година бил избран за дописен член на Deutsches Archäologisches Institut (Römisch-germanische Komission) во Франкфурт на Мајна, а во 1969 за doctor honoris causa на Универзитетот во Безансон – велат од НГМ.

Членувал во ДЛУМ од 1945 година, а од 1969 година Коцо бил дописен член на МАНУ. Бил долгогодишен член на одборот на град Скопје, сојузен народен пратеник на град Скопје, председател на Музејското конзерваторско друштво на Македонија, претседател на Републичкиот совет за култура на СРМ, член на Југословенската делгација на УНЕСКО итн.
Димче Коцо ќе остане запаметен како главен иницијатор и основач на периодични публикации, во кои тие во иднина ќе можат да ги обајвуваат своите научни достигнувања. Такви се „Гласникот на Музејското друштво“ и „Годишниот зборник на Археолошкиот музеј“ каде сè уште се објавуваат трудови од областа на археологијата и историјата на уметноста од особен научен интерес. Вонредната плодна професорска, музејска, научна и општествена активност на Димче Коцо е доволна за да исполни еден човечки живот, но не и во неговиот случај. Како човек со исклучително чувствителна природа и талентиран уметник зад себе остави обемно творештво, таписерии, слики, цртежи, акварели и скулптури, низ кои со многу творечка креативност ги долови своите уметнички визии, велат организаторите на изложбата.
Своите уметнички творби ги презентирал на 13 самостојни изложби и бројни групни преставувања во земјата и странство во Скопје, Охрид, Штип, Велес, Белград, Дижон, Атина, Рим, Дрезден итн. Неговите дела се наоѓаат во повеќе музеии, галерии и приватни колекции во земјата и странство: Национална галерија на Македонија, Музеј на современа уметност, МАНУ, Музејот во Штип, Музејот во Охрид, Музеј за уметност и обрт во Загреб, Уметнички музеј Торонто итн.

Изложбата се отвора во рамките на „Скопско лето“, а ќе трае до крајот на август.

Фотографии: Национална галерија на Македонија

 

Сподели