Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” денеска на пладне во студентскиот дом „Гоце Делчев“ (читална во блок Б) организираат дебата насловена „Билет во еден правец – Дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?”
Целиот настан е од отворен карактер. Целта е да се претстават две конкретни идеи за подобрување на квалитетот на животот на студентите и нивно вклучување во процесите на одлучување: 1) креирање на прва студентска платформа за општествена одговорност поддржана од македонските компании; 2) презентирање на иницијатива до владините институции и општините за вклучување на студенти во својата работа преку која заеднички ќе влијаат за подобрување на јавните услуги за граѓаните.
На дебатата ќе учествуваат: Викторија Постоловска – студентска правобранителка на УКИМ, Бленди Ходаи – студент и претседател на Форумот за образовни промени (ФОП), Милена Петковска – претседателка на Факултетското студентско собрание на Факултетот за ликовни уметности, Александар Николовски – претседател на Факултетското студентско собрание на Економскиот факултет и Славчо Темелковски – претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ. Модератор ќе биде Кирил Панов – студент на Универзитет „Американ Колеџ“ Скопје.





